Еден млад човек, по име Андреј Коцевски, роден во Скопје и израснaт на скопскиот асфалт, е школуван на University College London каде ги совладува знаењата од областа на бизнис и ИТ, во едно релаксирано попладневно пиење на фредо на сред врелото Скопје, ми кажа вака:
“Еден ден кредитните картички ќе станат дел од историјата и сите провизии што досега ги земаат големите конгломерати ќе се вратат во џебовите на малите компании и кај граѓаните. Исто така, банкарските кризи ќе станат дел од минатото, па целиот ризик ќе го превземат централните банки.”
И ако сметате дека овие фрази се само добро меморирани вистини, на еден млад човек кој на светот гледа како на подобро место за егзистирање, да…имате право. Но, запомнете го името на С чија компанија Whisper Cash, наскоро ќе го освои светот со првата целоснo офлајн декретна дигитална валута која ќе може да се имплементира на секакви паметни картички и во секои високо-безбедни микрочипови. Во моментов компанијата на Андреј е во преговори со девет централни банки ширум светот кои вкупно претставуваат околу 1 милијарда луѓе и 20% од глобалниот бруто домашен производ. Во очекување се да го комерцијализираат нивниот производ со една од Централните Банки во Јужна Америка, а една од главните банки во Европа подготвува да издаде статија во која ги спомнува Whisper Cash и нивната иновативна технологија.
Со WhisperCash картичките е возможно да се прават непрекинати офлајн плаќања без никаква екстерна конекција:интернет, телекомуникациска мрежа, блутут… Со други зборови: Добредојдовте во новата ера, во која една компанија која стартува оттука, веќе го освојува светот.
Новинар Љубица Ангелкова
Андреј, објаснете ни го концептот на WhisperCash? Што се дигитални валути издадени од централни банки?
За да го објаснам WhisperCash морам да ве запознаам со пошироката функција на централните банки, дигиталните валути и монетарните политики и правила.
Дигитални валути издадени од Централни Банки се дигитални декретни пари на една држава што можат да се користат како легален тендер. Моментално, централните банки ширум светот извршуваат само монетарни должности со готовината односно кешот. Сите дигитални плаќања се одвиваат преку дејствувањата на комерцијалните банки или финансиските институции, така што централните банки имаат само индиректно влијание врз сите дигитални плаќања што се одвиваат во една земја.
Затоа, централните банки во последно време покажуваат голем интерес за имплементирање на дигитална декретна валута. Нивната цел е да ја намалат разликата на каматните стапки помеѓу големопродажба и малопродажба (меѓу-банкарските каматни стапки се помали отколку тие кон граѓаните); да започнат директни комерцијални дејствувања и со тоа да го намалат ризикот на банкарска криза бидејќи граѓаните ќе имаат директни депозити во Централна Банка; и да се подготват против конкурентните криптовалути. Во моментов 80% од сите централни банки во светот истражуваат како да имплементираат дигитална декретна валута, а Кина и Бахамите веќе имаат успешно издадено ваков систем на банкарство и плаќања.
Ние ја создадовме првата целоснo офлајн декретна дигитална валута како криптографски протокол кој може да се имплементира на секакви паметни картички (англиски “Smartcards”) и во секои високо-безбедни микрочипови и безбедни криптопроцесори ( англиски “Secure Element Chips, Secure Cryptoprocessor”). Со WhisperCash картичките е возможно да се прават непрекинати офлајн плаќања без никаква екстерна конекција (интернет, телекомуникациска мрежа, блутут).
Дали може да ги опишете WhisperCash картичките и на кој принцип работат?
Нашиот производ ги има истите карактеристики како готовината/кешот, само што е дигитален производ. WhisperCash е целосно офлајн систем, па затоа и не потребна инсталација на серверска инфраструктура за да работи или пак имплементација на Блокчејн или Distributed Ledger Technology. Плаќањата во нашиот систем се одвиваат без никакви провизии и се спроведуваат веднаш без чекање, директно од картичка на картичка. Трансакциите може да бидат извршени преку Bluetooth, преку НФЦ или допирање/вметнување на картичките, скенирање на QR кодови или преку апликација на телефон и инсталирање на СИМ паметна картичка. Плаќањата исто така можат да се вршат и со пренесување на 10-цифрен број помеѓу испраќачот и примачот, и тоа во живо, преку телефон или писмено. Овој начин на плаќање го нарековме WhisperSend.
Ние го продаваме и хардверот на кој овие протоколи треба да бидат поставени и инсталирани. Сепак централните банки може да преферираат сами да ги управуваат хардвер решенијата од безбедносни причини, па поради тоа ние ги продаваме и заштитените протоколи како лиценца. Нашата производствена линија се базира на: 1. Лиценцирање на протоколите и 2. Продажба на хардверот кој е потребен за да работат истите протоколи. Нашата производствена линија на хардвер се состои од 4 производи кои се базирани на тие “Secure Element Chips” со најнови сертификати од највисока безбедност (FIPS 140-2 Level 3, and EAL 6+ сертификати) и варираат со цени и карактеристики.
Вашиот производ е наменет исклучиво за централни банки. Дали моментално соработувате со некоја централна банка?
Во моментов сме во преговори со девет централни банки ширум светот кои вкупно претставуваат околу 1 милијарда луѓе и 20% од глобалниот бруто домашен производ. Не би можел да наведам со кои точно банки соработуваме, бидејќи имаме договори за строга доверливост. Моментално сме при крај со преговорите за комерцијализација на нашиот производ со една од Централните Банки во Јужна Америка и наскоро ќе го имплементираме WhisperCash системот за прв пат. Исто така наскоро очекуваме една од главните банки во Европа да издаде статија во која што не спомнува нас и нашата технологија.
Каква е конкуренцијата на CBDC пазарот, и како се развива оваа индустрија?
Како што реков погоре, според изјавата на Бајзон Треилс, 80% од централните банки ширум светот во моментов истражуваат начини за имплементација на декретни дигитални валути. За компарација, само 30% од нив истражуваа пред 2 години. Нашата технологија е уникатна. Единствено ние правиме офлајн плаќања кај што методот на пренесување пари може да се одвива со пренос на 10-цифрен број. Но, има и две други компании кои што изјавуваат дека прават офлајн плаќања, но сепак нивните системи мораат да имаат серверска инфраструктура бидејќи нивните плаќања не можат да се одвиваат непрекинато последователно. Засега, ние сме први на пазарот со ваква технологија, но нашата конкуренција е огромна. Да дадам еден пример без да именувам имиња. Нашите два најголеми конкуренти се конгломератите што ги произведуваат македонските пасоши и македонските банкноти. Има и неколку десетици компании што прават само онлајн декретни дигитални валути, но тие не ни се директни конкуренти.
Ко-оснивач на WhisperCash е Разван Драгомиреску од Романија. Како се запознавте и одлучивте да го започнете овој проект?
Точно пред една година имав една идеја за офлајн плаќања со криптовалути, па почнав интензивно да истражувам на интернет како би можело тоа да се изведе. Па така наидов на стартапот на Разван кој тој го имаше започнато во 2013, а беше откупен од голема компанија после само 2 години. Му испратив емаил, и така започна нашата соработка за барање начини како да се подобрат криптографските протоколи. Можам кажам дека Разван е еден од најкреативните и технички-најспособните луѓе што сум ги запознал некогаш.
Андреј, вие ми спомнавте дека имате странски инвеститори и советници од познат кадар?
Да, ние веќе добивме таканаречена pre-seed инвестиција каде што нашата компанија достигна вредност од 2 милиона американски долари. Моментално бараме seed инвестиција каде што нашата компанија би требало да постигне 2-3 пати поголема вредност. Исто така нашите инвеститори и советници моментално и порано биле на високи позиции како на пример директори во Google Pay, Coinbase, Roche и Меѓународен Монетарен Фонд.
Кои ви се плановите за во иднина?
Моментално најголемиот дел од нашиот фокус се концентрира на преговорите за комерцијализација на нашиот производ и за правењето на таканаречена “beta/trial” проба во една латиноамериканска држава. Ние исто така голем дел од нашето време го посветуваме на контактирање други банки и компании со кои што би можеле да соработуваме. Исто така како што ви спомнав погоре бараме seed инвестиција со која што драстично би можеле да го прошириме начинот на комерцијализација. Наскоро одам во посета на Силиконската Долина во Калифорнија каде што се базирани најголемите технолошки компании и инвеститори. Така нашата компанија WhisperCash би добила огромен напредок со тоа што ќе можеме да се конектираме со врвни експерти за хардвер и смарткард безбедност, познати академски криптографи и криптографски ревизори, и најбитно, со истите инвеститори кои имаат инвестирано во компании што моментално вредат милијарди американски долари на берзата во Њујорк.
Нашата визија е WhisperCash да стане број еден декретна дигитална валута во светот, и напорно работиме тоа да се оствари. Еден ден кредитните картички ќе станат дел од историјата, и сите тие провизии што досега ги земаат конгломератите како Виза и Мастеркард ќе се вратат во џебовите на малите претпријатија и граѓаните. Исто така, банкарските кризи ќе станат дел од минатото, па целиот ризик ќе биде превземен од страна на централните банки.