„Агрохемиски калкулатор“, дигитална алатка со која земјоделците ќе знаат точно колку вештачко ѓубриво да употребат

- Advertisement -

Неодамна, Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип ја претстави алатката Агрохемиски калкулатор – апликација која врз основа на лабораториски анализи, ги советува земјоделците колку ѓубре треба да употребат во земјоделското производство. Иновативност разговараше со проф. д – р Фиданка Трајкова од Земјоделскиот факултет која раскажа повеќе за идејата, развивањето и примената на оваа алатка.

- Advertisement -

Kажете ни како настана апликацијата Агрохемискиот калкулатор? Од каде дојде идејата со оглед на тоа дека нејзината реализација доаѓа од универзитет?

Земјоделскиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ Штип има долга традиција на вршење на агрохемиски анализи за земјоделците и земјоделските стопанства во Република Македонија. Првата лабораторија за агрохемиска анализа на почва во Источна Македонија е основана во Иститутот за памук во Струмица во далечната 1964 година. Институтот за памук во текот на времето има претрпено неколку организациони и функционални трансофромации, во 2000 година е трансформиран во Инсититут за јужни земјоделски култури, за во 2007 година целата инфраструктура и човечки ресурси станат дел од Земјоделскиот факултет при УГД Штип. Во целиот овој период, агрохемиските анализи на почва секогаш биле неизоставен дел од активностите на инситуцијата.

- Advertisement -

Во јануари 2012, раководителот на Катедрата за заштита на растенијата и животната средина, проф. д-р Саша Митрев, покрена иницијатива за акредитација на поголем број  лабораториски методи во рамките на лабораторијата на катедрата Унилаб, меѓу кои и методи кои се однесуваат на анализа на агрохемиски параметри на почвен примерок од обработиливи површини. Од 2011 година досега лабораторијата има извршено преку 3.000 агрохемиски анализи и во секојдневниот контакт со корисниците се наметна потреба за изработка на алатка преку која лабораториските резултати ќе бидат „претворени“ во конкретна количина на хранливи материи што треба да се аплицираат на дадена култура, во специфични агроеколошки услови.  Така се роди и идејата за изработка на апликацијата Агрохемиски калкулатор.

Какви функционалности нуди апликацијата? Кој ја изработи истата и објаснете ни на кој принцип фунционира?

- Advertisement -

Апликацијата Агрохемиски калкулатор е изработена во рамките на проектот „Развој на отворени образовни ресурси и модули за земјоделство и рурален развој“ финансиран од Еразмус+ програмата и координиран од проф. д-р Зоран Здравев од Центарот за електронско учење во соработка со Земјоделскиот факултет. Двете институции се дел од  Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во изработката на апликацијата беа вклучени стручни лица од центарот и факултетот, со цел да се направи спој помеѓу модерната ИТ технологија и земјоделското производство.

Алатката е бесплатна и лесна за користење, бара основни познавања за користење на паметен телефон. Функционира на андроид систем за паметен телефон, се преземa од Google Play, се инсталира и веднаш може да се користи. Единствено нешто што корисниците треба да го имаат се податоци од лабораторски анализа на почвен примерок бидејќи една од целите на алатката е ѓубрење базирано на лабораториска анализа на плодност на почва, што од една страна обезбедува апликација на оптимални количини хранливи материи за културите, а од друга страна обезбедува паметна и еколошки свесна употреба на вештачки ѓубрива што ќе го минимизираат штетниот ефект од нив врз животната средина.

Оваа алатка има за крајна цел да го оптимизира земјоделското производство. Дали ја тестиравте алатката и какви резултати добивте? Какви се првичните реакции од страна на потенцијалните корисници? Кои се нивните најчести прашања и/или дилеми?

Апликацијата е тестирана, и од нас, пред официјално да биде достапна на Google Play, а сега и од корисниците што ја имаат преземено. Во текот на месец март направивме три настани за дисеминација на резултатите од проектот. Посетеноста на настаните и интересот за Агрохемискиот калкулатор и Базата на пестициди (уште една апликација што беше изработена и нуди можност за пребарување на пестициди по култури, причинители на болести и штеници и препарати за борба со нив) беше огромна што значи дека во Република Македонија има голема потреба за развој на ваков тип алатки што ќе нудат информации „на допир“ за производителите.

Кои се плановите за Агрохемискиот калкулатор? Во кој правец ќе се развива истиот?

Алатката има софтверска можност за нејзино постојано надополнување со нови култури и податоци за исхрана на културите. Планираме да продолжиме да ја надополнуваме листата од 25 култури со нови, посебно овоштарски култури и винова лоза, со што ќе ја прошириме и целната група на корисници.

Апликацијата може да се преземе преку Google Play сервисот на следниов линк.

Сподели!
- Advertisement -