Израел ќе ги вакцинира со трета доза вакцини против ковид-19 луѓето над 60-годишна возраст, односно оние кои втората доза ја примиле пред најмалку пет месеци, јавија светските агенции.
Во земјата што прва ја заврши вакцинацијата на населението, трета доза досега примиле околу 2.000 лица со ослабен имун систем, а сега, како што соопшти премиерот Нафтали Бенет, таа ќе се дава и на лицата над 60-годишна возраст што ја примиле втората доза пред пет месеци или повеќе. Масовното вакцинирање со трета доза би требало да почне за неколку дена, наведе Бенет.
Кампањата за вакцинирање со трета доза се врши поради информациите од Министерството за здравство на Израел дека од почетокот на јуни е намалена ефикасноста на вакцината Фајзер-Бионтек кај оние што се веќе имунизирани. Министерството вели дека таа сега штити од инфекција во 39 отсто од случаите, но сѐ уште штити од развој на тешко заболување – во 91 отсто од случаите.
(Meta.mk)
(фото: Flickr)