ЕБОР обезбеди кредит од 2 милиони евра за ПроКредит Банка за кредитирање на енергетска ефикасност во домаќинствата

- Advertisement -

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) обезбедува кредит од 2 милиони евра за ПроКредит Банка Македонија за кредитирање на домаќинствата за инвестиции во енергетска ефикасност. Кредитната линија е дел од програмата Финансиска програма за зелена економија (Green Economy Financing Facility – GEFF) .

Од ПроКредит Банка информираат дека средствата ќе бидат достапни на физички лица за инвестиции во мерки за заштеда на енергија, како што се изолација, прозорци, пумпи за загревање, соларни панели, итн. Инвестициите ќе придонесат во подобрување на енергетската ефикасност на станбените згради, помагајќи да се намали емисијата на гасовите кои креираат ефект на стаклена градина, и ќе го подобрат квалитетот на живот на сопствениците на домаќинствата. Откако мерките ќе бидат успешно применети, кредитобарателите ќе можат да добијат грант до 20 отсто од вредноста на кредитот, што претставува поддршка финансирана од Европската Унија (ЕУ) .

- Advertisement -

Финансирањето во износ од 135 милиони евра е обезбедено преку ГЕФФ Програмата за Западен Балкан, која е кофинансирана од ЕУ, Инвестициската програма за Западен Балкан (ИПЗБ) и Австриското федерално Министерство за финансии, и е дел од Регионалната програма за енергетска ефикаснсот (РПЕЕ) за Западен Балкан. Целта на програмата е да се поддржи регионот, познат по високиот енергетски интензитет, да се подобри енергетската ефикасност кај домаќинствата, кои се едни од најголемите потрошувачи на енергија.

Јурген Ригтеринк, првиот потпретседател на ЕБОР и главен на Групацијата за услуги кон клиенти посочил дека се среќни што ја продлабочуваат соработката со партнерот ПроКредит Банка Македонија, со потпишување на уште еден договор од ГЕФФ програмата. – Присуството на овој производ на пазарот го зголеми интересот на локалните домаќинства за важноста на инвестициите од енергетска ефикасност за нивните домови. Средствата од оваа нова кредитна линија ќе бидат достапни до уште повеќе домаќинства, намалувајќи ја нивната потрошувачка на енергија и придонесувајќи кон подобар квалитет на воздух во нивните домаќинства, рече Ригтеринк.

- Advertisement -

Стефен Худолин, раководител на Одделот за соработка, од Делегацијата на Европска Унија во Северна Македонија истакна дека заштедата на енергија денеска, е заштеда за нашата иднина.

– Заради тоа користиме практични начини, достапни за граѓаните, за да ја имплементираме Зелената агенда и да обезбедиме финансиска поддршка на станбениот сектор. Ова ќе разреши дел од финансиските бариери за подобрување на енергетската ефикасност, рече Худолин.

- Advertisement -

Емилија Спировска, член на Управниот Одбор на ПроКредит Банка Македонија изјави дека влијанието врз животната средина, кое тие како компанија, заедно со клиентите го имаат врз истата е од големо значење за нив.

– ПроКредит Банка веќе има пласирано 2 милиони евра, преку 172 кредити од ГЕФФ програмата, целосно наменети за домаќинствата. Над 65 отсто од нив, се наменети за инвестиции во енергетски ефикасни системи за греење и ладење, додека остатокот од средствата се искористени за подобрување на топлинската изолација на домовите. Сигурни сме дека и новата кредитната линија од 2 милиони евра од ЕБОР, за инвестиции во енергетска ефикасност, која нуди грант до 20%, ќе биде успешно пласирана и ќе вклучи повеќе домаќинства во подобрување на енергетската ефикаснот и почиста животната средина. До денеска, околу 9.000 домаќинства на Западен Балкан ја подобрија сопствената енергетска ефикасност преку ГЕФФ програмата, преку инвестиции во проекти кои придонесуваат во намалување на над 10.000 тони јаглероден диоксид годишно, што е еднакво на отстранување на 6.000 автомобили на патиштата, посочуваат од ПроКредит Банка.

ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над 2,14 милијарди евра преку 148 проекти во земјата. Поддршка на зелена енергија е приоритет за банката, бидејќи преку тоа се решава еден од најголемите предизвици во земјата.

Сподели!
- Advertisement -