Рестрикции на струја не се најавуваат, но кризна состојба ќе се прогласи во вторник

- Advertisement -

Рестрикции на струја нема да има, а до крајот на годината нема да се зголеми ниту цената на електичната енергија за домаќинствата, но сепак ќе биде прогласена кризна состојба во енергетскиот сектор за да се вбризгаат буџетски средства директно во енергетските компании.

Кризна состојба, како што вчера најави министерот за економија Крешник Бектеши, ќе биде прогласена на првата владина седница која најверојатно ќе се одржи во вторник, а колку средства од буџетот ќе бидат трансферирани кај енергетските компании ќе се знае денеска или утре, откако ќе бидат направени конечните анализи.

- Advertisement -

– Утре и во петок ќе имаме средба со членовите на Комисијата предвидена во рамки на Уредбата за прогласување кризна состојба. И јас како министер за економија на првата владина седница, која се предвидува да се одржи во вторник, ќе и предложам на Владата да ја прогласиме оваа состојба, најави вчера Бектеши на гостувањето на телевизија Алсат.

Според Бектеши, Владата има средства за да интервенира и во зависност од тоа колкави се потребите на енергетските компании, толку средства ќе бидат пренасочени директно од буџетот.

- Advertisement -

А, Регулаторната комисија за енергетика размислува при носењето на следната одлука за цената на струјата да се тргнат целосно или да се редуцираат маржата и профитот на енергетските компании, кои влијаат при формирањето на цената на електричната енергија.

Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски вели дека во кризна година сите треба да бидат солидарни и уверува дека Комисијата како регулаторно тело ќе ги искористи сите механизми кои ги има на располагање.

- Advertisement -

– Во кризна година мора сите да се однесуваме солидарно. Како РКЕ имаме алатки и ќе ги искористиме сите механизми кои ги имаме на располагање при носење на следната одлука на цената на електричната енергија. Профитите и маржата што им се загарантирани за енергетските компании, ќе ги тргнеме целосно или ќе ги редицираме. Цело време повторувам – мора да разберат сите дека во кризна состојба сите мора да си помогнеме, нагласи Бислимоски на гостувањето на телевизија Алсат.

Прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор бара и бизнис заедницата. Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески вели дека тоа е неминовно.

– Оваа работа не може да помине без прогласување на енергетска криза во државата. Не знам какви се ингеренциите во ваква констелација на Влада која е во оставка во моментов, но криза мора да прогласи за полесно да ги носи решенијата во моментот кога ќе тргне огромната потрошувачка со промената на временските услови и со резервите што ги имаме, истакна Азески во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.

Тој вели дека веројатно ќе дојде до здружување на компаниите за купување на електрична енергија за цела 2022 година по фиксна цена која ќе ја платат авансно со што ќе ги обезбедат потребните количества.

– Покрај тоа што соработуваме со Владата, ние бараме и наши решенија. Имаме неколку можности кои ги разгледуваме. Веројатно ќе дојде до здружување на компаниите за купување на електрична енергија за цела 2022 година по фиксна цена и ќе ја платиме авансно и така ќе ги обезбедиме потребните количества за да го пречекаме подготвени почетокот на годината. Има можност за наше вклучување во активностите што ги презема државата за подигнување на степенот на производство на електрична енергија, а ќе има и солидарни потези кои ќе ги направиме како Западен Балкан, како Управен одбор на Коморскиот инвестиционен форум, каде јас сум копретседател. И таму поверуваме иницијатива и бараме од Европската енергетска заедница и Европската комисија да помогнат, вели Азески.

Во меѓувреме Владата на 30 октомври ја донесе уредба за прогласување на кризна состојба при недостиг на електрична енергија којашто веќе е објавена во Службен весник, а од Министерството за економија вчера информираа дека таа е донесена со цел нејзино усогласување со одредбите на Законот за енергетика.

– Претходната Уредба беше донесена во 2012 година и во неа не беа усогласени новите одредби за пазарите на електрична енергија. Континуирано ја следиме состојбата во електроенергетскиот сектор, во моментов има доволно количество на електрична енергија, до крајот на годината нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата, потенцираа од Министерството за економија.

Во опфатот на оваа Уредба, како што информираа од ресорното Министерство, се определени и правата и обврските на учесниците на пазарот во услови на кризна состојба и се вклучени сите учесници на пазарот, а не како претходно само државните енергетски компании.

Власта уверува дека ситуацијата во енергетскиот сектор се следи и дека се преземаат сите потребни чекори за да има доволни количини на електрична енергија. За активирање на третиот блок во РЕК Битола вчера заврши тендерот за набавка на јаглен на кој се јавија девет компании. Понудите, како што информираа од АД ЕСМ, ги исполнуваат потребните количества кои се бараат. Следува период на техничка евалуација, односно дали понудениот јаглен ги задоволува минимум техничките карактеристики по што ќе се прави економско-финансиска евалуација на понудите. Пријавени се домашни компании кои нудат јаглен од два домашни рудника, како и форми од Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и од Турција.

Во понеделник, според најавите од АД ЕСМ, се очекува да се официјализира изборот на понудувачот и за 300 илјади тони јаглен за ТЕЦ Осломеј од првиот повик за набавка и да се потпише договор.

Фото – Pixabay

Сподели!
- Advertisement -