Македонската влада на вчерашната седница го задолжи АД ЕСМ да го отпочне процесот за потпишување на договорите за реализација на Меморандумот за разбирање потпишан со Гастрејд С.А. за проектот за изградба на терминал за течен гас во Александропулис, Грција. Од владината прес-служба информираат дека ова е првиот чекор кон реализација на стратешката цел за енергетска независност на земјава.
„Владата, преку АД Електрани на Северна Македонија отпочна процес за резервација на капацитети за природен течен гас во ЛНГ Терминалот Александропулос, Република Грција што ќе овозможи зголемување на сигурноста во снабдување со природен гас за граѓаните“, се наведува во соопштението на владината прес-служба.
Со реализацијата на оваа инвестиција ќе се зголеми капацитетот за дотур на гас во земјава, ќе се влијае врз либерализацијата на пазарот, а со тоа и врз конкурентноста на цените, смета државното раководство.
„Имајќи ја предвид денешната енергетска криза во Европа и кај нас, ова е конкретен чекор која треба да даде резултати во стабилизација на снабдувањето со енергија во Република Северна Македонија“, велат од Владата на РСМ.
Овој геостратешки проект е прогласен за проект од посебен интерес на Европската Унија за природен гас и за него Европската комисија одобри поддршка за ефикасна интеграција со други важни проекти за инфраструктура на природен гас на регионалниот пазар.
Инаку, со потпишаниот меморандум во март минатата година, Македонија се одлучи да учествува во инвестицијата во гасниот терминал во Александропулис со 10 проценти учество со вредност од 370 милиони евра, коешто ќе биде поддржано од ЕУ.
Воедно, нашата земја ќе учествува со 25 проценти во инвестицијата за гасна централа на природен гас во Александропулис, а проценетата вредност на инвестицијата е повеќе од 380 милиони евра.
Земјава на крајот од минатата година донесе уште една важна одлука за обезбедување на енергетската независност. Владата ја заокружи финансиската конструкција на проектот за изградба на интерконективен гасовод од Неготино до границата со Грција вреден 57,8 милиони евра.
Од Европската инвестициска банка се обезбедуваат 28,9 милиони евра, преку инструментот ВБИФ на ЕУ за проектот се достапни 12,4 милиони евра неповратни средства, додека од Европската банка за обнова и развој ќе се обезбедат преостанатите 16,5 милиони евра за гасоводот кон Грција.