Автомобилските компании долго време најавуваат дека се наближува крајот на традиционалните автомобили и дека со тек на време бензинците и дизелашите ќе станат историја, а ќе ги заменат електричните возила. Процесот на електрификација може да го забрза војната во Украина и зголемувањето на цените на горивата, поради што се повеќе луѓе за идниот автомобил ќе изберат електричен мотор.
Но, одлуката за премин на автомобили со електрични мотори за многумина сепка нема да биде едноставна затоа што се поскапи во однос на класичните автомобили, а голем проблем се и батериите, односно времето потребно за да се наполнат.
Технолошките компании со години работат на подобрување на технологијата за батерии со која би го решиле тој проблем, а од Nissan неделава објавија дека соработуваат со НАСА на развојот на таквите батерии. Веруваат дека нивните цврсти батерии ќе можат да ги заменат литиум-јонските кои се користат денес, а освен што ќе бидат полесни и побезбедни, треба да овозможат и побрзо полнење. Исто така, таквите батерии треба да бидат и дупло помали од денешните, додека полнењето до полн капацитет ќе трае само 15-ина минути.
За да се развијат целосно ќе бидат потребни години. Nissan прво ќе направи пилот-фабрика во 2024 година, додека цврстите батерии во автомобилите треба да почнат да се користат во 2028 година.
Планот на Nissan и на НАСА е да користат т.н. информатичка платформа од изворен материјал, односно компјутерска база на податоци за тестирање на различни комбинации за од стотиците материјали да дознаат што најдобро фунцкионира и да ја најдат најефикасната замена за сегашните скапи компоненти потребни за развој на литиум-јонските батерии.
(Zimo)
(фото: Pxhere)