НАЈПОЗНАТИОТ СЕРИЈАЛ ЕДУИНО ВЕБИНАРИ СО НОВИ ТЕМИ
По успешно спроведени два серијали ЕДУИНО Вебинари 2020 и 2021, како и неверојатната бројка со повеќе од 70.000 прегледи на Јутуб видеата од вебинарите, учесници и слушатели, тимот на ЕДУИНО оваа година го најавија новиот серијал ЕДУИНО Вебинари 2022 со бесплатни онлајн предавања наменети за наставниците, воспитувачите и сите заинтересирани учесници на темите од областа на образованието.
ЕДУИНО Вебинарите се интерактивни неформални настани, каде што учесниците имаат можност да следат предавања на актуелни, иновативни и напредни теми од областа на образованието преку примери на добри практики и совети од свои колеги практичари. Содржината на серијалот ЕДУИНО Вебинари 2022 е утврдена од Бирото за образование и наука (БРО) во соработка со УНИЦЕФ, а може да се следи во два дела и тоа мај и септември 2022. Во првиот дел – мај 2022, најавени се четири вебинари , додека преостанатите вебинари ќе се оддржат во септември 2022 година. Она што е особено значаен новитет е тоа што ЕДУИНО Вебинарите го проширија својот тим со воведување на симултани толкувачи на секој од вебинарите, па така тие ќе може да се следат на македонски и албански јазик.
„Со големо задовоство во име на целиот тим на ЕДУИНО и СмартАп, можам да изјавам дека минатата година ги имавме најгледаните онлајн вебинари кои досега се спроведени од страна на ЕДУИНО и сме особено горди за целосната доверба која ја имаме од страна на ЕДУИНО-заедницата, од учесниците, како и за трудот и вложеноста на нашиот тим.
Оваа година особено внимание посветивме на можноста за симултано толкување со што се овозможува слушање на вебинарите на македонски и албански јазик, како и вебинари кои се одржуваат на двата јазика паралелно. Овој процес е осмислен со цел да им овозможни на учесниците да се здобијат со сериозно практично искуство. Освен ваквиот подобрен пристап, учесниците на ЕДУИНО Вебинарите имаат можност да се здобијат со сертификат за стекнати знаења кој е од особена важност за нивниот професионален развој.“ – изјави Милена Игњатова, проектен менаџер на ЕДУИНО.
Првиот онлајн ЕДУИНО вебинар беше оддржан на 10ти мај со тема „Вовед во формативно оценување“ и истиот броеше голема заинтересиреаност со повеќе од 2 800 регистрирани учесници. За учество на вториот ЕДУИНО Вебинар со тема „Вовед во педагошки пристапи кон инклузивно, дигитално и комбинриано учење за сите ученици“, кој се одржува на 17ти мај, може да се пријавите тука. Прочитајте повеќе детали за датумите и темите на следните ЕДУИНО вебинари и дознајте како да се пријавите за овие бесплатни онлајн предавања преку официјалната веб-страна eduino.mk.
„ЕДУИНО Вебинарите се обмислени да нудат можност за поставување прашања и консултирање со предавачите околу одредени форми, методи, техники и алатки за спроведување на процесот на учење и поучување во модерната настава. Преку ваквиот тип интерактивни и неформални настани ја имаме можноста директно да влијаеме врз професионалниот развој и унапредувањето на дигиталните вештини на голем број едукатори во нашата земја.
Во текот на минатиот серијал на ЕДУИНО Вебинари издадовме речиси 8.500 сертификати и сме навистина премногу горди на постигнатиот успех. Во првиот дел од овогодинешниот серијал во мај 2022, учесниците имаат можност да се стекнат со еден тип сертификат, а тоа е сертификактот за стекнати знаења. Додека во вториот дел од серијалот, (септември 2022) учесниците ќе имаат можност да се стекнат со два видови сертификати за стекнати и применети знаења.“ – изјави Перо Сарџоски, координатор на ЕДУИНО Вебинарите.
Проектот „ЕДУИНО: Колективно подобрување на образованието преку ко-креирање и иновации“ е финансиран од Владата на Обединетото Кралство преку Амбасадата на Велика Британија во Скопје, со поддршка на Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Министерството за образование и наука (МОН), Бирото за развој на образование (БРО) и УНИЦЕФ. Проектот го спроведува СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации.