Најчесто, декември е месец во кој сме посебно потрошувачки настроени и кога купуваме нови производи… но тоа значи и дека во текот на овој месец создаваме поголема количина на амбалажен отпад. А за целата оваа амбалажа да не ја гледаме расфрлана по улиците, дворовите и депониите, треба да се погрижиме дека истата ќе заврши онаму каде што треба.
Селектирањето на отпадот е навика која треба да се практикува постојано, не само во месеците кога се создава повеќе отпад во домаќинството. Преку одговорно собирање и одложување на отпадот, не само што даваме пример за луѓето околу нас, туку и директно влијаеме за нашата околина да биде поздрава и почиста. А како да го направите тоа?
Организирајте се навреме
Поставете три посебни канти со различни бои во вашиот дом, во кои ќе го селектирате отпадот кој се создава во домаќинството по категории – стакло, хартија, пластика и лименки. Во секоја од кантите поставете ќеса за ѓубре. На тој начин, отпадот ќе биде веќе подготвен за конечно одложување следниот пат кога ќе одите до најблискиот контејнер на Пакомак обележан со жолта (пластика/лименки), сина (хартија) или зелена боја (стакло). За кратко време ќе забележите колку време им е потребно на кантите да се наполнат, па така ќе можете и да го организирате одењето до контејнер според денови, на пример вторник за пластика, четврток за стакло и слично. Не заборавајте дека пластичните шишиња и лименки можете да ги фрлите и во повратните вендинг машини на Пакомак поставени во маркетите на Веро и да добиете како бенефит зелени поени.
Складирајте паметно
Секогаш имајте на ум дека не е важно само каде го селектирате и одложувате амбалажниот отпад, туку и како го правите тоа. На пример, кога одложувате хартија внимавајте најтешките парчиња да бидат најгоре, со цел да ги притиснат полесните парчиња хартија и да не дозволат ветерот или некое надворешно влијание да ги расфрлаат надвор од кантата. Ако кантата за селектирање е поставена надвор, тогаш треба и да внимавате да не оставате вода или течности кои можат да замрзнат при ниските температури. Но, мора да ве потсетиме и дека не мора секој отпад да заврши во контејнер. Природните новогодишни елки може да ги насадиме во двор, а весниците и тетратките можат да завршат како компост. Електронските уреди кои не ги користиме може да се донираат, како и старата облека која повеќе не ја носиме. Сите овие работи може да користат некому – па затоа обидете се да го најдете соодветното место за нив.
Рециклирај, рециклирај, рециклирај!
Најголемата шанса што ѝ ја давате на природата за да остане чиста и здрава е ако се однесувате одговорно према неа. Затоа, важно правило и постојана мантра треба да ви биде „Рециклирај, рециклирај, рециклирај!“. Пакомак ве повикува да го одложувате отпадот кој го создавате во соодветниот контејнер, за тој да може да заврши онаму каде што треба. Сиот отпад кој може да се рециклира најчесто е означен со знакот за рециклирање (♻) и треба да заврши во еден од обоените контејнери на Пакомак или повратните вендинг машини, кои ги сигнализираат трите видови на рециклабилен отпад: зелена (стакло), сина (хартија) и жолта (пластика и лименки). Што почесто го одложувате отпадот, толку повеќе природни ресурси успевате да заштедите.
Затоа, постапувај одговорно и рециклирај!