АНАЛИЗА: 80 од вкупно 81 градоначалник во Македонија користат социјални медиуми

- Advertisement -

80 од вкупно 81 градоначалник користат Фејсбук во својата работа покажа aнализата направена од тим специјалисти за социјални медиуми, предводен од Бојан Кордалов во периодот меѓу 4 и 15 декември 2017 година. Втор на листата со „омилени“ социјални медиуми кои ги користат градоначалниците е Инстаграм. Неспоредливо со Фејсбук, но свој профил на овој социјален медиум имаат 21 градоначалник. Бројката драстично се намалува кај Твитер – овој социјален медиум активно го користат само 5 од вкупно 81 градоначалник!


„Ова е многу висок процент на градоначалници кои се активни на социјалните медиуми со цел да ги информираат граѓаните за својата работа во општините. Тоа што недостасува кај поголемиот дел од нив е да бидат секојдневно присутни онлајн, но не само за да се претстават, туку да го слушнат мислењето, критиките и предлозите кои доаѓаат преку социјалните медиуми. Разликата во бројот на градоначалници кои користат Фејсбук споредено со Инстаграм веројатно се должи на недостатокот на професионални лица и тимови за социјални медиуми кои секоја општина е потребно да ги има. Активното користење на Твитер од само 5 градоначалници можеме да го толкуваме како недостаток на ресурси, но пред сè и како избегнување на оваа публика која важи за најкритизерска. Ова не е добро и мора да се промени“
 вели Бојан Кордалов, специјалист за нови медиуми и односи со јавноста, кој е и автор на оваа анализа.

Само тројца градоначалници истовремено користат Фејсбук, Твитер и Инстаграм во својата работа, а само еден градоначалник воопшто не ги користи социјалните медиуми, покажа анализата. Сепак, градоначалниците се поактивни на Фејсбук споредено со пратениците и министрите. Ваква анализа направена во март 2017 година откри дека 110 од вкупно 120 пратеници користат Фејсбук, додека слично истражување објавено во јуни годинава покажа дека 20 од вкупно 26 министри се редовно активни на овој социјален медиуми.

- Advertisement -

„Денес е беспредметно да се разговара дали јавните функционери треба да бидат активни на социјалните медиуми, особено ако се следи основното правило во политиката и односите со јавноста, кое вели дека политичарите и информациите треба да се таму каде што е публиката. Затоа, користењето на социјалните медиуми од страна на градоначалниците веќе не е прашање на избор, туку потреба и нивна општествена одговорност кон граѓаните на нивната општина. Да го земеме како пример загадувањето, кое покрена вистинска бура на реакции на социјалните медиуми, особено насочена кон градоначалниците. Доколку тие со своите тимови се целодневно присутни и одговараат на сите коментари од граѓаните, од една страна, ќе се добие впечаток што во секој момент размислуваат и преземаат за намалување на загадувањето, а од друга страна, ќе можат постојано да мобилизираат идеи и луѓе кои се подготвени да работат на решавање на овој горлив проблем“ истакна Бојан Кордалов, специјалист за нови медиуми и односи со јавност.

- Advertisement -

Aвтор на истражувањето: Бојан Кордалов

Сподели!
- Advertisement -