Сузана Димитриевска: Профитабилно земјоделство е можно само со примена на софтвер за паметно планирање

- Advertisement -

Со инвестирањето во паметна технологија, земјоделците, освен што добиваат високо квалитетни производи, имаат и време за сите активности што се очекуваат од еден современ фармер, да планира, произведува, преработува, контролира и продава, како и можност на најбрз начин да го промовираат своето производство, вели Димитриевска.

 

„Иднината на македонското земјоделство е во квалитетот и специјализираното производство, а не во квантитетот. Европа бара органски, здрави производи што нашата земја може да ги даде. Македонските земјоделци с` повеќе стануваат свесни за тоа“, вели за „Иновативност“, Сузана Димитриевска, производител на органска храна од Светиниколското село Мустафино.

- Advertisement -

Таа е енергична и ведра жена, која подеднакво добро се снаоѓа на нива, но и пред компјутерот. Земјоделството за неа е бизнис, кој успешно го води преку семејната фирма „Липа“ и задругата „Еко Илинден“. Нејзиното органско гравче се извезува во Швајцарија, земја, која е позната по своите строги критериуми за извозниците на храна. Швајцарците се тие кои најмногу пари трошат за органска храна или 221 евро на жител, а официјално најголем пазар за здрава храна е германскиот со обрт од околу 8 милијарди евра.

Пазарот на органски производи во Европа во последните петнаесетина години пораснал на 90 милијарди долари, а во најголем дел се снабдува со еколошки производи од источна и југоисточна Европа. Тој факт, според Димитриевска е поттик за сите домашни производители да се ориентираат кон органското и да обезбедат сигурен пласман на своите производи. Таа е пионер и пример меѓу домашните производители, со воведувањето на иновации за одржливо користење на водата и енергијата на ветерот, како и паметното земјоделство преку користењето на софтверот на „Пантеон фарминг“.

- Advertisement -

  • Г-ѓа Димитриевска, вие и вашето семејство обработувате околу 70 хектари земјоделско земјиште и веќе извесно време користите софтвер на „Пантеон фарминг“ за паметно планирање на производството. Може ли да ни кажете кои се придобивките за вашиот бизнис?

Што се однесува до земјоделството како бизнис, за нас од големо значење беше средбата со една нова технологија како „Пантеон“ системот. Иновацијата која ја воведовме за нас има исклучително значење, особено во делот на планирањето на нашето земјоделство. Со многубројните извештаи кои што ги добиваме од софтверот, преку внесување на потребните податоци, ние можеме да одлучиме која култура на која површина ќе ја посадиме. Одлучуваме како следната сезона да ги намалиме трошоците, колку работници и кога ќе ангажираме за следното производство, колку пари ни се потребни за секоја активност и на крај,  што е најважно, колку не чини производството по единица производ. На сите фармери им го препорачувам користењето на „Пантеон“, бидејќи тоа е вистинска можноста да си ја олеснат и подобрат својата работа.

- Advertisement -
  • Вие сте пионер во воведувањето на многу добри земјоделски практики во нашето земјоделство. Пред 5 години изградивте ветерница за да ги намалите трошоците за наводнување. Планирате ли да воведувате уште нови технологии во производството инспиририрани од паметното фармерство?

Ветерната пумпа за вода е исклучителен пример за користење на ветерот како ресурс за паметно и одржливо користење на водата, која во иднина се очекува с` помалку и помалку да ја има. Секогаш, во согласност со нашите можности инвестираме во нови иновативни технологии во нашето производство. Коннкурентноста на пазарот подразбира производство на прва класа производи, а тоа пак, бара воведување на современа, софистицирана технологија во земјоделието. Мислам дека напредокот на руралните средини и земјоделските бизниси исклучиво зависи од инвестирањето во паметна технологија. Земјоделците, освен што добиваат високо квалитетни производи, имаат и време за сите активности што се очекуваат од еден современ фармер, да планира, произведува, преработува, контролира и продава, како и можност на најбрз начин да го промовираат своето производство. Придобивката од паметното земјоделство за многу кратко време се гледа и преку зголемување на  економската добивка на бизнисот.

  • Често велите дека иднината на македонскот земјоделство е во квалитетот, а не во квантитетот. Од тие причини последните години голем дел од вашето производство е органско. Кажете ни што сe произведувате?

Предноста на македонското земјоделство е во висококвалитетното органско производство. Тоа е нашата иднина, доколку сакаме од земјоделството да направиме профитабилен бизнис и нешто по што ќе се разликуваме од другите земји. Македонија има одлични предуслови за органско производство, кое, пак, идеално може да се поврзе со алтернативниот туризам. Јас и моето семејство, конкретно произведуваме органско грозје, кајсии, сончоглед, пченица, грав, наут, рани зеленчуци и сточна храна како луцерка, која е и добар плодоред во производството.

  • Имате и готови производи, како органско вино, џемови, слатко. Каде ги пласирате?

За „Липа“ како семејна фирма е важно и дел од производството да го преработиме во готов производ. Засега имаме неколку видови на вина, траминец, мерло, каберне, чиј вкус е исклучителен, бидејќи за нивно производство користиме органски суровини, кои не се третирани со хемиски препарати. Тоа се чувствува во вкусот и квалитетот и голем број од нашите купувачи штом еднаш купат вино, ни стануваат редовни потрошувачи. Правиме и џемови од кајсии и праски, а за гроздовиот мед навистина има голема побарувачка особено од купувачите во Скопје.

 

  • Дали побарувачката е поголема на домашниот пазар или подобри се условите за извоз на странските пазари?

Готовите органски производи с` уште ги продаваме во директен контакт на познати купувачи. Таа продажба постојано се зголемува, но бидејќи не сме присутни во малопродажба не можеме да зборуваме за побарувачка. За нас е важно тоа што преку нашата соработка со проектите како Швајцарски контакт сме во можност да разговараме за извоз на органски производи, како што се одредени сорти на грав за салата, наут, сончоглед и сушени кајсии, органски мед. Многу ни е важно оваа соработка да продолжи и се надеваме дека ќе ги инспирира и другите органски производители да се ориентираат кон на производство за извоз. Процедурите се навистина сложени и скапи, но пласманот на органските производи е сигурен.

  • Повеќе од две  години функционира вашата „Еко Илинден“. Кои се предностите на задругарството?

Најголемата предност на задругарството е можноста за заеднички големи инвестиции во современи технологии за производство, преработка и секако, пласман на нашите производи. Задругарството ни нуди можност за договорно производство и понуда на поголема количина на разни видови органски производи, за заедничко планирање, намалување на трошоците преку целосна искористеност на капацитетите, ресурсите и технологијата со која што располагаме и секако можност за учење и размена на искуства едни од други во текот на работата. Преку заедничката работа во задругите секој фармер добива исклучителна можност да ги користи придобивките што поинаку се резервирани само за големите компании.

  • Вклучени сте во во повеќе проекти за социјално претприемништво, за вклучување на жените фармери и на маргинализирани групи. Може ли да ни кажете нешто повеќе?

Една важна цел на нашата земјоделска адруга „Еко Илинден“ е и социјалното претприемништво, преку вклучување на социјални групи во различни активности во земјоделството и вклучување и подршка на жените кои што живеат во село. Минатата и оваа година вклучивме група на фармери во производство на органски зеленчуци. Тие добија пластеници- тунели со цел преку производството да го зголемат буџетот во семејството. На овој начин добивме и уште еден готов производ, слаткото од органски морков, произведено на традиционален начин. Оваа година производството продолжува, доделивме уште два пластеника и очекуваме поголемо производство на зелечуци како моркови, цвекло, пиперки, модри домати, салати и црвени домати.

Како резултат на оваа соработка, нашите купувачи може да добијат и разни видови џемови, сокови, гроздов мед, јуфки, домашно сирење, сушени домати со масло, зимница од органски производи и сл. Да не го заборавиме и органскиот мед на една од нашите членки, кој што во иднина планираме да го вклучиме во производство на неколку наши нови готови производи- сокови и ликери.

Планираме во иднина социјалното претприемништво да го развиваме во повеќе насоки со вклучување на хендикепирани лица во земјоделството. Секако, за ова ќе ни биде потребна и подршка од институциите со кои активно разговараме на таа тема. Знаејки ја важноста на ваквите активности во повторното вклучување на лицата со различни видови на хендикеп во општественото живеење и обезбедување нивен рамноправен придонес конкретно во земјоделието, активно ќе продожиме да работиме и овој проект да профункционира. Секако се надеваме дека ќе бидеме пример кој останатите задруги ќе ги потикне да го следат.

Сподели!
- Advertisement -