Кинеската влада планира до 2020 година да покрене систем за оценување на сите 1,3 милијарди жители. Уште во 2014 година кинеското Државно собрание објави нацрт документ за создавање систем за оценување. Замислете свет во кој бројни ваши дневни активности постојано ќе се следат и ќе се оценуваат. На пример, што купувате во продавница и онлајн, каде сте и со кого секој период од денот, кои ви се пријатели и како се однесувате со нив, колку часа гледате ТВ, дали сте ги платиле сметките, дали сте препишувале на тестови итн.
Голем дел од наведеното веќе се следи преку компании како Facebook, Google и Instagram, но доброволно, но замислете како би било кога сето тоа ќе се означува како позитивно или негативно, а резултатот искажан со број во согласност со правилата на власта. Тоа би била вашата оценка како граѓанин и сите ќе знаат каков човек сте. Врз основа на тој број ќе се одредува дали ќе добиете кредит или не, дали ќе ве вработат, каде ќе можат да учат вашите деца итн.
Отприлика тоа сака да го воведе кинеската влада до 2020 година. Новиот систем го претставуваат како пожелен начин за мерење и поттикнување на довербата на национално ниво, како и за изградба на култура на почит. Технички, учеството во системот засега е доброволно, но за три години отсега ќе стане задолжително и ќе ги опфаќа и физичките и правните лица.
Осум приватни компании добија дозвола за осмислување алгоритам и други неопходни делови од системот. Првата е China Rapid Finance, партнер на огромната социјална мрежа Tencent, која е позната по развојот на апликацијата за четување WeChat. Зад вториот голем проект во рамките на системот, Sesame Credit, стои групацијата Ant Financial Services (AFSG), која соработува со интернет-гигантот Alibabа. Силите ги здружија со други компании како Didi Chuxing, компанијата која го презеде делот на Uber во Кина и Baihe, најголемиот сервис за спојување осамени луѓе во земјата.
Луѓето ќе бидат оценувани на скалата од 350 до 950 бодови, при што ќе се земаат предвид пет фактори. Првиот е кредитоспособноста, односно колку сте добар должник. Ќе се следи дали ги плаќате сметките навреме. Вториот фактор е придржувањето до ветувања. Третиот се однесува на личните карактеристики, односно проверка на личните податоци како бројот на мобилен телефон и адресата. Четвртиот фактор го покрива однесувањето и личните преференции. На пример, системот би следел што, каде и кога купувате. Петтата категорија се меѓусебните односи. Подобар резултат ќе имаат оние кои шират позитивна енергија. Ќе биде битно и што зборуваат другите за вас, па негативните коментари онлајн можат скапо да ве чинат.
Засега не е познато која од осумте компании вклучени во изработката на системот ќе застане на негово чело да го следи надзорот и мерењето. Наводно, милиони граѓани досега се пријавиле за тестирање на системот. Веројатно голем дел од нив сакаат само да добијат повластици и награди. На пример, меѓу повластиците се креди за купување на Alibabа, наем на автомобили без депозит, брза регистрација во хотели, патување надвор од земјата без дел од задолжителна документација итн. Кој ќе зезне на едно поле може да очекува последици во сите аспекти од животот. На пример, доколку имате мала оценка може да имате навистина бавен Интернет. Исто така, може да ви биде забранет пристап во ресторани, ноќни клубови, но и правото на патување во странство.
(tportal.hr)