Ова се штипските гимназијалци кои измислија маска за телефон за лица со Рејнаудов синдром

- Advertisement -

Тимот од матуранти составен од Никола Патриклиски, Гордана Арсова, Андреа Спирова, Марија Трајковска и Стефан Маневски под менторство на професорот по бизнис и економија, Петре Петковски, смисли маска за телефон која ги загрева рацете, наменета за лицата со Рејнаудов синдром односно лица со послаба циркулација на крвта во рацете

(Разговараше – Бисера Срцева)

Штипската гимназија „Славчо Стојменски“ отсекогаш го ужива епитетот најдобра во регионот, со професионален кадар кој образованието на гимназијаците го става на прво место, ги поттикнува да размислуваат и да иновираат.

- Advertisement -

Тимот, именуван како ALHO, се закити со првото место во категоријата електронско здравство или e – health во натпреварот за стартап идеи Get In the Ring, кој се одржа во октомври годинава во склоп на Startup Europe Awards 2017 во Скопје. Главните организатори на натпреварот во Скопје беа Национален центар за развој на иновации и претприемачко учење и Македонија 2025. Бизнис идеите беа оценувани од комисија од дванаесет члена од различни држави.

Презентацијата на идејата на Get In the Ring.

По тој повод, разговаравме со овие надежни гимназијалци кои ни раскажаа детално за нивниот изум, за плановите во иднина и како се подготвуваат да ја претстават својата гимназија на финалниот натпревар во Брисел во март следната година. Гимназијата ќе им ги покрие авионските билети на учениците до Брисел, а тие ќе го презентираат својот прототип пред европската стартап сцена.

- Advertisement -

„Менторот, професорот Петковски ги информираше учениците дека е отворен повикот за аплицирање за натпреварот Get In the Ring и голем дел од нив пројавија интерес, но на крај успеавме да формираме само една целосна екипа која ќе аплицира на натпреварот со бизнис идеја. Во моментот кога дознавме за натпреварот уште немавме идеја со која ќе се претставиме. Но поддршката и мотивацијата беа големи поради што решивме да разработиме концепт. Кога смислувавме концепт за производ со кој ќе се претставиме, размислувавме во правец тоа да биде производ кој ќе им помага на луѓето, нешто што ќе придонесе и кон тоа да постои побарувачка за тој производ.“, раскажуваат Марија и Андреа.

Средношколците почнале да размислуваат за идеја поврзана со здравството односно производ кој ќе ги амортизира ефектите од одредена болест или од некој здравствен проблем со кој се соочуваат луѓето. Така дошле до идејата за маската за телефон наменета за лицата со Рејнаудов синдром.

- Advertisement -

„Почнавме да истражуваме колку нашата идеја е изводлива бидејќи маска која ќе им ги затоплува рацете на луѓето значи дека може да ја затопли и загрози батеријата на телефонот. Тогаш откривме дека постојат материјали кои ќе функционираат како изолатор, поради што решивме да се претставиме со оваа идеја. Замислено е маската да има слој од материјал кој ќе создава изолација и да биде поставена посебна батерија за маската. Пресметавме дека производствените трошоци за еден примерок би биле околу 20 долари. Изработивме 3Д модел, а нарачавме и делови со кои ќе го изработиме прототипот кој планираме да биде готов до јануари следната година“, вели Никола.

Учениците минале и низ обука наменета за средношколските тимови кои ќе учестуваат на натпреварот со цел организаторите да ги подготват тимовите најдобро да се претстават пред комисијата на натпреварот. Иако тимот ALHO ја минал обуката за средношколци, кога дошол денот да го презентираат својот концепт, организаторите им откриле дека тие всушност ќе се натпреваруваат во категориите наменети за стартап бизнис.

Моментот кога тимот е прогласен за победник во категорија електронско здравство.

Тие откриваат како се соочиле со овој предизвик: „Кога дознавме дека ќе се натпреваруваме заедно со веќе постоечки стартапи, не’ фати паника бидејќи мислевме дека ова ќе биде преголем предизвик за нас. Но задоволни сме и од самиот факт дека ја презентиравме идеја за нашиот производ пред бизнис заедницата. Дури и да не го добиевме првото место во категоријата електронско здравство, искуството кое го стекнавме и нештата кои ги научивме од веќе изградените бизниси е незаменливо. Добивме и повратна информација за тоа како бизнис заедницата размислува за една идеја како нашата и колку истата е остварлива.“

Во секоја сесија на натпреварот се презентирале по две идеи, а според името на натпреварот, учесниците ги презентирале идеите во ринг и судијата на крајот ја кревал раката на учесникот од тимот кој победил во секоја сесија посебно. Тимот од штипските гимназијалци ќе патува во Брисел со останати седум стартапи од различни категоии каде заедно ќе ја претставуваат Македонија.

Во Брисел, освен што повторно ќе го презентираат концептот за својот производ, тимот премиерно ќе го претстави и прототипот, а веќе работат и на маркетинг стратегија.

Што всушност претставува Рејнаудовиот синдром кој ги инспирирал учениците да смислат ваков концепт на производ и како производот ќе им помогне на луѓето кои се соочуваат со овој синдром?

„Размислуваме да направиме истражување и да разговараме и со стручни лица со цел да го вклучиме и нивниот став во промоцијата на производот. Сметаме дека вакво истражување е потребно не само поради тоа што ќе видиме каков е пазарот за ваков производ, но и поради тоа што кај многу луѓе не е развиена доволно свеста за синдромот. Престанокот на циркулација на крвта во рацете е сериозен проблем за некои луѓе бидејќи може да резултира и со ампутација. Нашиот производ дефитивно може да ги ублажи ефектите.“, вели Гордана која и самата живее со Рејнаудовиот синдром.

„Свесни сме дека се соочуваме со голема конкуренција на натпреварот, но свесни сме и за потенцијалот на производот бидејќи освен што ќе им помага на луѓето со Рејнаудов синдром, ќе ја подигне и свеста за проблемот. Реално, синдромот е позастапен отколку што сме свесни за тоа, дури и кога не е толку сериозен, чувството кое го предизвикува на рацете може да биде навистина непријатно.“, вели Андреа.

Рејнаудовиот синдром се манифестира во услови на ниски температури или при стресни ситуации кога крвните садови како еден вид на одбранбен механизам не ја пренесуваат крвта во прстите. Се забележува кога прстите ја менуваат бојата на кожата.

„Дури 10% од светското население се соочува со проблемот, а многумина не знаат дека всушност станува збор за синдром. Доколку производот го купат само 0,1% од тие луѓе, веќе зборуваме за профитабилност. На светскиот пазар нема ваков производ. Постојат слични производи како гаџет кој се носи како рачен часовник и ги загрева рацете но истиот е премногу гломазен, не е практичен, а и цената му е релативно висока односно 300 долари.“, објаснува Никола.

„Цената на нашиот производ би била попристапна, а маската практична бидејќи апсолутно секој поседува телефон. На почетокот би започнале со производство на маска наменета за моделите на iPhone бидејќи моделите од последните три генерации на телефонот се исти и ќе може да се користи истата маска. Моделите на Android телефоните се поразновиди, затоа подоцна би започнале со производство на маски и за таквите модели“, додава Марија.

Концептот за производот на гимназијаците е навистина иновативен и со голем потенцијал. Ова го докажуваат и реакциите на јавноста откако најпрво штипските локални медиуми ја споделија веста за нивниот успех. Тие раскажуваат како воопшто не ги очекувале ваквите позитивни реакции, а пред да се одржи натпреварот дури и размислувале да се откажат.

„Реакциите се неверојатни, не го очекувавме интересот кој јавноста го пројави за нашата идеја. Дури и после победата во уште не бевме свесни во што точно сме се впуштиле.“, додаваат гимназијалците.

Откакот ќе го презентираат својот прототип во Брисел и ќе ги добијат резултатите од финалниот натпревар таму, тимот ќе започне да бара инвеститори, а размислува и да започне кампања на онлајн платформата за групно финансирање Kickstarter.

Им посакуваме многу среќа на штипските гимназијалци во Брисел!

Сподели!
- Advertisement -