Ботаничката градина во Скопје е дом на најскапоцените македонски растенија! Треба да стане туристичка атракција!

- Advertisement -

Галичички различник, Грчка риндера, Галичички каранфил, Емова мајчина душичка, Кошанинова љубичица…. се меѓу најретките растенија кои можат да се сретнат на мали површини во нашата земја. Локацијата каде што можат да се сретнат сите на исто место е Ботаничката градина на Природно математичкиот факултет во Скопје.

Ова прекрасно место, помалку заборавено во изминатите години, е вистинска драгоценост во градската џунгла. Извонредното зеленило составено од растенија од сите континенти е скриена зелена оаза која нуди мир и релаксација, но од друга страна и одлично место за едукација за најретките и скапоцени растенија од нашата пребогата флора.

- Advertisement -

Цветанка Цветкоска, магистер по биосистематика од Ботаничката градина, во интервју за Иновативност вели дека се трудат ова прекрасно место да стане и неизоставен дел од туристичката понуда на Скопје.

Разговараше- Сања Наумовска

- Advertisement -

Цветанка, кажете ни повеќе детали за Ботаничката градина.

Ботаничката градина постои од 1951 година. Иницијатива за нејзино формирање била покрената уште во 1947 година кога Град Скопје одобрил оградување на просторот. Ботаничката градина во тоа време била една од најубавите на ниво на тогашната Југославија. На површина од 11.4 хектари во паркот на Ботаничката градина се наоѓаат голем број автохтони и алохтони растенија. Таа има два стакленици, објект за ex-situ заштита на ретки и ендемични растенија од македонската флора, изложбен објект, како и објекти наменети за урбана градина – три пластеници и еден отворен објект за лековити, ароматични и зачински растенија. Ботаничката градина има научна, едукативна, рекреативна и заштитарска функција.

- Advertisement -

Какви растенија може да се сретнат во градината? Кое е најреткото, а кое е најегзотичното?

Најголем дел од растенијата кои што се наоѓаат во Ботаничката градина се алохтони – претставници кои природно не се среќаваат на нашето поднебје. Во последните неколку години, со реконструкцијата на објектот за ex-situ заштита, се фокусираме на збогатување на збирката со ретки и ендемични растенија од македонската флора. Сега би можеле да се гордееме со успешно аклиматизираните ендемити како Галичички различник (Centaurea galicicae Micevski), Грчка риндера (Rindera graeca (A. DC.) Boiss. & Heldr.), Галичички каранфил (Dianthus galicicae Micevski), Емова мајчина душичка (Thymus oehmianus Ronniger & Soska), Кошанинова љубичица (Viola kosaninii (Degen) Hayek) итн. Сите овие растенија се многу ретки, со ограничено распространување во нашата земја.

Македонската флора е многу богата со ретки и ендемични видови, колкав дел од тоа богатство постои во градината?

Во објектот за сега има само мал дел од нашата уникатна флора. Имаме уредени полиња со ретки растенија од Галичица, Јабланица и Козјак. Секако наша цел и мисија е да го збогатиме овој објект. Прво заради тоа што ќе се направи заштита на ретките и ендемичните растенија, а второ за едукативна намена –сите посетители ќе можат да се запознаат со нашето непроценливо растително богатство.

Неодамна беше отворен и делот за лековити и ароматични растенија. Кажете ни нешто за нив.

Со финансиска поддршка од Програмата за мали грантови на Глобалниот Еколошки Фонд во Ботаничката градина се направија објект за лековити и ароматични растенија и три пластеници. Овие објекти се изградени во функција на урбаната градина во рамките на Ботаничката градина која ќе биде отворена за сите заинтересирани граѓани кои би сакале да уживаат во благодатите на растенијата, а за тоа немаат можност во своите домови. Во делот за лековити и ароматични растенија ќе бидат засадени различни растенија кои се користат во традиционалната медицина и во исхраната на човекот. Брзиот начин на живот и загадувањето кое е актуелно во скопската бетонска џунгла ни создаваат потреба за дополнително зеленило, дополнителна активност која на некој начин делува како градинарска терапија. Запознавањето со растенијата и нивната можност за искористување е од есенцијално значење. Поради тоа, овие објекти ќе имаат едукативна и рекреативна функција.

Вие бевте дел и од проектот урбани градини. Дали се подготвува нешто ново на тоа поле?

Ботаничката градина беше вклучена во кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“ со компонента за урбани градини како важен елемент од градското зеленило. Во моментот оваа активност е продолжена со проектот „Урбани градини како потенцијал за зголемување на зеленилото во скопската бетонска џунгла“ кој е финансиски поддржан од Програмата за мали грантови на Глобалниот Еколошки Фонд. Сите заинтересирани граѓани ќе имаат можност да дојдат во нашата урбана градина, да ни помагаат во нејзиното одржување и да си произведат различни плодови кои ќе ги користат во секојдневната исхрана.

Очигледно е дека ни е неопходна едукација и пошироко запознавање со нашето растително богатство. Која е улогата на Ботаничката градина во едукативниот процес на младите?

Ботаничката градина преку различни едукативни работилници ги запознава децата и младите со чудесниот свет на царството на растенијата. За жал оваа активност за време на пандемијата беше ставена во мирување, но веќе од мај оваа година ќе продолжиме унапредени со нови интересни едукативни содржини.

Кои се плановите за иднината, како ќе се развива Ботаничката градина?

Во иднина плановите ни се насочени кон реализација на визијата и мисијата кои ги имаме зацртано уште одамна. Визијата на Ботаничката градина е ефикасно чување на нашето растително богатство преку развивање на научните и образовните потенцијали, додека мисијата на градината е да учествува во конзервација на растителниот свет, да ја промовира биолошката едукација и да овозможува научни и апликативни истражувања во соработка со други ботанички центри.

Дали можеби планирате да стане точка и на туристичката мапа на Скопје?

Ботаничката градина беше дел од вело турата на Скриените музеи на Скопје каде што беше мапирана како точка за посета за „заборавените“ убавини на градот. Секако, се трудиме максимално да ги подобриме нашите инфраструктурни капацитети и се надевам дека во блиска иднина ќе станеме интересна туристичка дестинација.

Сподели!
- Advertisement -