Државата вложува во образование на жените, но тоа подоцна не се искористува за економски развој. За успех на жените во светот на бизнисот неопходно е да направат баланс со приватниот живот и да имаат повеќе доверба во себе, но со паралалелна максимална поддршка од сите чинители во општеството, порачаа учесниците на Конференцијата „100 жени претпримачки“, што се одржува денеска во Скопје.
„За успех е важно првин да се тргне од самиот себе, храброста да се оди кон целта, а многу важно како поддршка е и семејството затоа што без него неможе да се успее.“, изјави Катерина Котлареска – Маневска, организатор на конференцијата.
Според статистичките податоци изнесени на конференцијата во Македонија од вкупниот број вработени 35 проценти се жени, а 56 проценти мажи. Во повеќето семејства, кај 75 проценти, работат и мажот и жената. Во Европа, пак, во просек има 55 проценти вработени жени и 70 проценти вработени мажи од вкупниот број учесниците на пазарот на труд.
„За разлика од пред десетина година кога имаше повеќе образовани мажи денес во целиот западен дел на светот од факултетите излегуваат 60 проценти жени и 40 проценти мажи. Ако се погледне состојбата на пазарот на труд се гледа дека на позициии со поголема моќ, влијание и пари има повеќе мажи. Тоа е недоволна економска искористеност на жените. Државата вложила во образованието на жената, но подоцна недоволно се искористило знаењето.“, рече Диана Кобас Дешковиќ, експерт во областа на женското лидерство.
Како што наведе министерката без ресор за бизнис регулатива Зорица Апостоловска, во 21 век мора да разбереме, пред се, овде на Балканот, дека определбата на жените за балансирање помеѓу приватното и професионалното за воспоставување рамнотежа кај семејството и кариерата не е конфликтно, туку напротив, овие две животни определби меѓусебно се надополнуваат.
За да може бизнис идеите на жените да се преточат во конкретни проекти, посочи, потребни се не само со промена на културното милје туку и поддршка со вклучување на институциите, Владата и на сите политички чинители од локално до централно ниви.
„Со економскиот амбиент што го создава Владата очекуваме дека и жените кои сакаат да реализираат претпримачки идеи ќе пронајдат дополнителна мотивација за почнување реализација на своите бизнис идеи, но и оние кои водат сопствен бизнис можат да очекуваат поддршка за компаниите со владиниот пакет на економски мерки за остварување на континуиран раст и развој.“, рече Апостоловска.
Во тек на конференцијата се најавени активности за инспирација, мотивација и вмрежување како и споделување успешни приказни.
(МИА)