Европа станува најдинамичното подрачје во светот кога е во прашање технолошкиот сектор и полека се создаваат предуслови токму во Европа да се роди новиот Google.
Според истражување направено од инвестициската компанија Atomico, која работи со ризични инвестиции во технолошки компании, големите европски градови прераснаа во технолошки средини со релевантност во глобални рамки. Ова се должи на рекордниот износ на капитал кој компаниите во овие градови го привлекле, потоа искусните претприемачи, растечкиот број на стручна работна сила и подобрените регулативи.
„Можноста следната компанија која ќе ги диктира трендовите во индустријата да дојде од Европа – и ќе стане една од највредните компании во светот – досега никогаш не била голема“, истакнува Том Вејмер, директор на истражувања во Atomico.
Растот на европските технолошки компании го отсликува влезот на капитал во Европа со тоа што оваа година биле инвестирани 19,1 милијарди долари во европските компании, што е 33% повеќе од минатата година. За споредба, американските стартапи добиле вкупни инвестиции од 1,08 милијарди долари.
Од капиталот инвестиран во компании во Европа, швајцарските стартапи привлекле 47% или 828 милиони долари. Станува збор за компании регистрирани во кантонот Цуг, кој е познат по ниските даноци.
По Швајцарија следуваат Германија и Австрија, каде што стартапите привлекле три пати повеќе инвестиции отколку стартапите во централна и источна Европа, пишува B92.
Голема европска предност во однос на Америка е и поголемиот број на професионалци кои работат за пониски плати. Европските универзитети произведуваат далеку повеќе кадри во STEM секторот (наука, технологија, инженерство и математика), со тоа што во 2014 година, на пример, во Европа во овој сектор докторирале 58.941 луѓе, а во САД 28.328 луѓе.
Иако титулата град со најмногу вработени ИТ професионалци во Европа ја држи Лондон, каде што работат 303.594 програмери, на ниво на држави прва е Германија со 837.398 програмери. Велика Британија има вкупно 813.500 програмери.
Но, и покрај растот на платите на европските програмери во последниве неколку години и понатаму тие се за 30% па и повеќе пониски отколку примањата на своите колеги во Силиконската долина. Така, експерт за софтвер во Берлин зема просечна плата од 60.000 долари годишно додека во Сан Франциско таков експерт има плата од 130.000 долари.