До крајот на следната година се очекува да заврши инсталацијата на системот за електронска наплата на патна такса на патарините долж Коридорот 10, вели во интервју за МИА директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.
Китанов смета дека сегашните цени на патарините не треба да имаат корекции и покрај коментарите на граѓаните дека плаќаат многу, а возат по руинирани патишта. Треба да се има предвид и тоа, посочува, дека дел од граѓаните се возат, а не плаќаат. Поради оваа причина најавено е поставување на нови патарини на кои ќе се плаќа на излез од автопатот.
„Во патарините имате затворен и отворен систем. Сега ако се возите од кај Гевгелија и на крстосницата кај Неготино – Кавадарци свртите за Прилеп, не плаќате ништо. Сега таму ќе поставиме патарина, а возењето ќе се плати пресметано по минатата километража. Така е на Запад,“, изјавил за МИА Китанов.
„Тие што ќе користат припејд да речеме ќе плаќаат 10% помалку. Ако плаќаш 40 денари за некаде сега ќе плаќаш 36 денари. Вака кажано новината можеби и не звучи дека е многу корисна, но таа ќе му биде важна за секој што секојдневно вози по автопат кога има, на пример, десет автобуси или 100 камиони. На тој начин ќе ги мотивираме. Луѓето ќе видат дека им е многу попрактично да носат со себе припејд картичка. Процесот ќе оди многу побрзо. Иако сега има четири рампи во еден правец, во иднина ќе има шест. Ќе бидат со поголем проток, проширени и модернизирани.“, додава Китанов.