Сте виделе ли некогаш како звучи и како изгледа физички претставен вашиот глас? А дали сте го вкусиле? Прашањето е бизарно, но не е нелогично. Како што пренесува PSFK, jапонската телеком компанија NTT Docomo ги претвора снимките од гласовите на луѓето во прекрасни чоколади кои се совршен подарок за најбитните луѓе во вашиот живот.
За кампањата Voice Chocolate најпрвин се снимаат кратки пораки од луѓето. Потоа вибрациите на гласовите и тоналитетот се користат за да се направи уникатна чоколада. Дизајнот се мапира со 3Д технологија и се претвора во парче чоколада. Секоја чоколада потоа се испраќа како подарок до лицето за кое е наменета. По добивањето на чоколадата примателот на подарокот може да ја скенира чоколадата со апликација за засилена реалност и да ја слушне оригиналната гласовна порака.