Европската комисија објави Прирачник за работа во странство. Прирачникот се вика „Подготвени сте за промена?“ и се однесува на животот и работата во странство со совети кои вклучуваат и правила за однесување при средба со потенцијални работодавци, за „скокотливи“ и лични прашања и како да одговорите на нив, како да преговарате за плата, па и како да се облечете за разговор за работа.
Во прирачникот се наведува дека во Германија, која според статистиката на EURES е најбарана дестинација, работодавецот придава големо значење на начинот на кој се презентира барателот на работа, односно на облеката, фризурата, накитот, ставот, контактот со очи итн. Mojposao.net пишува дека Германија е една од државите каде што има закон против дискриминација кој забранува поставување строго лични прашања како за планирање на бременост, финансиска ситуација и сл. За германските работодавци многу е битна точноста при доаѓањето на разговор за работа, облеката мора да ви биде со склад со работата која ја барате, а треба да избегнувате и впечатлив накит.
За разлика од Германците, Французите не се толку точни при доаѓање на состанок, особено во големите градови како Париз, но од барателот на работа се очекува да дојде 15 минути порано до закажаното. При доаѓањето на разговор за работа треба да се ракувате со тој што ве интервјуира. Французите се гордеат со својот бонтон, па затоа ценат и култура и убави манири. При пријавувањето за работа треба да поднесете кратка биографија и фотографија и треба задолжително да се наведе доколку сте живееле во Франција.
Кога станува збор за испраќањето фотографии при аплицирање за работа, различни земји имаат различни правила. Во Белгија, на пример, не се препорачува да ставите фотографија со своето CV, во Бугарија се препорачува да го сторите тоа, но не е задолжително. Кратки биографии со фотографии се вообичаени за Чешка, Луксембург, Унгарија, Кипар. Во Данска тоа станува се попопуларно, во Австрија работодавците се навикнати на фотографии во CV, додека во Грција тоа се очекува за работа во туристичкиот сектор.
Италија е можеби една од земјите кои се најдобро претставени во прирачникот. Прирачникот вели дека Италија има се: завидна клима, различен пејзаж, историска и уметничка вредност, популарна национална кујна. При барањето работа во Италија една од работите кои треба да ги знаете е дека главно нема преговарање за финансиските услови, односно за плата, годишен одмор, бонуси… затоа што тоа најчесто е пропишано со колективни договори. Што се однесува за облекувањето, општ совет за Итавија е ако не знаете некои посебни правила во компанијата каде што аплицирате, изберете елегантна, но лежерна облека.
Во Шведска, на пример, е прифатливо ан работа да носите фармерки и јакна, краватите не се вообичаени, а општ совет, кој вреди без оглед на државата, е чиста и уредна облека во склад со приликата, а не според најнова мода. Доколку сакате да дознаете што вели прирачникот за сите земји поединечно, одете на следниот линк.