Одредени производи често не го достигнуваат потенцијалот кој производителот го замислил. Иако технологијата ни го поедноставува животот, многу од нас понекогаш ќе помислат дали сега навистина ни е потребна оваа апликација.
Само поради тоа што одредени нешта можат да се произведат, не значи дека и треба. Магазинот Inc. подготви листа со најчудните производи од годината што одминува.
1. Amazon Key
Новата услуга им овозможува на доставувачите да ги оставаат производите внатре во домот кога не сте таму. Група на истражувачи веднаш најде безбедносен недостаток во услугата која му овозможува на целосен странец лесно да ви влезе во домот.
2. Juicero
Станува збор за високо технолошки соковник кој чини 400 долари, но набргу беше повлечен откако корисниците почнаа да откриваат дека сами можат да го исцедат сокот од своето пакување без да имаат потреба од машина која ќе го прави тоа.
3. Spontana
Spontana е апликација која им овозможува на луѓето да ги оценуваат вашите селфи фотографии со оцени од 1 до 10 или со емотикони. Исто така, овозможува поврзување на два корисника откако тие ќе си ја „лајкнат“ фотографијата. Да не ве потсетува случајно на Tinder?
4. Eugene Barcode
Скенерот за баркодови кој чини 99 долари, откако ќе го скенира производот, покажува дали неговата амбалажа може да се рециклира или не. Премногу комплицирано за информација која ќе ја добиете и ако само прочитате што пишува на амбалажата.
5. Smalt
Постојат интернет нешта, а постојат и нешта со интернет. Ова е соларник со Bluetooth конекција кој свири музика кога ќе посолувате нешто и може да пушти само едно зрно сол. Одлична тема за започнување разговор.
6. Kérastase Hair Coach
Четка за коса која се конектира со Bluetooth и ви помага да ги анализирате и подобрите начините на кои ја чешлате вашата коса. Има и вграден микрофон за да ги слуша вашите правци на чешлање. Ова не е воопшто вознемирувачко.
7. Hush Me
Маска за уста која чини 189 долари и можете кога ќе излегувате, да ја носите – по желба. Вклучува апликација која го маскира вашиот глас користејќи различни звуци како гласот на Дарт Вејдер. Сериозно.