Pastello го видовме на овогодинешното издание на Skopje Design Week 2017 каде го доби признанието Најдобар млад бренд. Тимот кој стои позади брендот работи во апсолутна кохезија: идеја за нов модел може да даде секој, од сопственикот до маркетинг менаџерот, а секако и клиентот. Работат под палка на сопственикот Дарко Џартовски, а приказната за брендот ни ја раскажа Миа Голиќ, одговорна за маркетинг и продажба
(Разговараше – Бисера Срцева)
Pastello има свои канцеларии во Скопје каде секој заинтересиран може да им се обрати и заедно да осмислат уникатно парче осветлување за домот.
- Колку време веќе постои Пастело и како започнавте?
Пастело постои веќе две години, а започнавме со тоа што создадовме многу креативен тим на луѓе кои ќе ни цртаат модели. На пазарот сме присутни помалку од две години. Станува збор за македонски бренд, со свое производство во Куманово. Се фокусираме на осветлување, од подна ламба, столна ламба, лустер, односно сѐ што може да се направи од дрво, во однос на осветлување, ние ќе го направиме. Најчесто работиме по нарачка, исклучиво по желба на клиентот.
Во Македонија не постоеше нешто вакво. Сѐ е направено фабрички на лента, односно увезено. Од друга страна видовме пак дека Македонија има навистина квалитетно и убаво дрво за изработка на мебел. Започнавме со околу 40 модели на ламби, со тоа што сите модели може да се редизајнират по желба на клиентот. По нарачка можеме да направиме сѐ. Кога клиентот доаѓа со идеја, тоа веднаш го скицираме и заедно одлучуваме како ќе се создаде производот. Секој си бара нешто што си го замислил.
- Спомнавте дека работите со македонско дрво. Дали материјалите ги набавувате исклучиво од Македонија и за каков тип на дрво се работи?
Токму така, работиме со различни типови на дрво, како орев, јасен, бука итн., но сѐ зависи од тоа што ќе побара клиентот. При тоа, целата изработка е рачна, од најмалиот до најголемиот дел од ламбата. Поради рачната изработка и поради тоа што секое парче дрво си има различни шари и боја, секое парче е уникатно.
На почетокот користевме и челик, но подоцна го исфрливме и сега работиме со дрво и јаже. Имаме производи само од дрво, само од јаже и секако модели кои се спој од дрво и јаже.
- Во описот на Pastello може да се прочита дека брендот создава одржлив дизајн. Што значи ова?
Честопати се случува клиентите да прашаат дали производите имаат гаранција. На сите им одговараме дека нашите производи имаат доживотна гаранција. Дрвото е природно, сѐ е изработено рачно и поради ова со сигурност велиме дека се работи за доживотна гаранција. Дрвото е квалитетно, не може да се искриви, а секое парче може да трае и трае.
- Дали сте присутни само на македонскиот пазар и дали размислувате за експанзија?
Засега сме исклучиво на македонскиот пазар, бидејќи како што рековме, работиме нешто што воопшто не беше присутно кај нас. Секако сакаме да започнеме со мал извоз, со тоа што пред десетина дена бевме на саем на мебел во Белград и видовме дека имаме потенцијал да се прошириме надвор од македонските граници. Нашите производи се дефинитивно подготвени за странски пазар.
- Какво значење има признанието Најдобар млад бренд кој Pastello го доби на Skopje Design Week 2017?
Бевме пресреќни кога ни се јавија да ни соопштат дека токму Pastello е избран како најдобар млад бренд. Skopje Design Week е проект кој од година во година привлекува сѐ поголемо внимание и гради имиџ на настан кој прикажува квалитетни брендови. Наградата има посебно значење бидејќи навистина сме млад бренд кој штотуку се пробива на пазарот и има што да покаже. Кога ќе добиеш признание за нешто, тогаш знаеш дека ти успеал целиот труд. Skopje Design Week е одлична шанса за младите брендови кои работат дизајн да го покажат својот потенцијал.
- Што е следно за Pastello?
Се трудиме постојано да ги следиме светските трендови за дизајн кој го вклучува дрвото како материјал. Продолжуваме да работиме неуморно, а следуваат нови идеи и модели и пред сѐ уникатни производи кои се константа за Pastello.