Во Македонија годинава ќе бидат изградени 80 километри гасовод што е најмногу досега, а за тоа веќе се обезбедени околу 40 милини евра во Буџетот
Како што истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески по денешната работна средба со директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР) Благојче Котевски, гасификацијата е еден од врвните приоритети на Владата и затоа интензивно се работи за изнаоѓање начини цевките од гасоводот да стигнат до сите општини.
Тој посочи дека постојат одредени проблеми со имотно-правните односи при експропријацијата и додаде дека очекува да бидат исполнети зацртаните рокови и до 2020 година да биде изграден кракот на гасоводот од Неготино до Битола, а до крајот на 2019 година и да биде готов делот од Скопје до Гостивар со крак кон Тетово.
Директорот Котевски, пак, рече дека интензивно преговараат со градоначалниците на сите општини каде што проаѓа националната гасификациска мрежа за и тие навремено да ја изградат секундарната мрежа.
Како што кажа, со новиот закон за енергетика на општините им се даваaт три можности за изградба на секундарната мрежа. Првата е да формираат јавно претпријатие, втората преку јавно приватно партнерство и третата приватна компанија да им изгради дистрибутивната мрежа. Доколку работите одат како што треба, како што нагласи, и ако паралелно се работи на националната гасификациска мрежа и дистрибутивната мрежа, се очекува за две години гасот да протече до првите потрошувачи во општините.
Нагласи дека за три до четири месеци треба да биде готов делот од блок станица Штип до Неготино, потоа до крајот на 2020 година да се заврши делот од Неготино до Битола, а до крајот на наредната година да биде готов и делот од Скопје до Гостивар со крак кон Тетово.
Истакна дека за годинава се обезбедени пет милиони евра за експропријација на земјиштето, од кои четири милиони евра ќе бидат за делот од Скопје до Гостивар со крак кон Тетово, а еден милион од Неготино до Битола.
Годинава, како што кажа, интензивно ќе се работи на решавање на проблемите со експропријацијата за во наредната 2019 година да може непречено да се работи. Се планира и ново интерконективно поврзување со Грција и Бугарија.
Изведувач на делот од Штип до Неготино и од Скопје кон Гостивар со крак кон Тетово е Рапид билд со конзорциумот, а делот од Неготино кон Битола го гради Гранит.