Еден од најголемите извозници на нафта во светот, Саудиска Арабија, во 2018 година ќе додаде повеќе од 4 гигават-часови капацитет за обновлива енергија. Оваа земја од Средниот Исток има за цел да извезува повеќе сурова нафта отколку што троши и населението да се префрли на обновливи извори на енергија. Најголем дел од зелената енергија ќе се добива од соларни фарми и се очекува инвестициите да достигнат 7 милијарди долари, пишува Green Matters.
Годинава ќе почнат дури 8 проекти за зелена енергија. Околу 3,3 гигават-часови ќе се добиваат од соларни панели, додека 800 мегават-часови од фарми на ветар. Вкупно ќе се добијат нови 4,13 гигават/часови капацитет. Владата ќе бара инвеститори за да ги покрие трошоците. Откако ќе се комплетираат проектите, во текот на наредните 25 години инвеститорите ќе мора да користат енергија од овие извори. Компаниите кои ќе работат на проектите ќе имаат сопственост над нив во наредните 20 години за соларните фарми и 25 години над фармите на ветар.
Саудиска Арабија има за цел до 2020 година да има вкупен капацитет за обновлива енергија од 3,45 гигават-часови, а трипати повеќе до 2023 година, така што обновливата енергија ќе изнесува 10% од вкупниот капацитет на земјата. Повеќе од 50 различни компании ќе бидат потенцијални кандидати за реализација на проектите. Тие ќе треба да потрошат од 30 до 50 милијарди долари на секој проект.