Оној кој во Хрватска нема да го селектира отпадот ниту после тест периодот од две години, ќе му следи казна од 7 до 700 евра. Секој град ќе има свој начин на селектирање, а некои хрватски градови веќе ја имаат воведено оваа практика.
Некои од поголемите градови, како Загреб и Сплит, допрва треба да ја изгласаат одлуката, но се очекува тоа да го направат наскоро, до кога всушност е и предвидениот рок. Граѓаните на Ријека веќе имаат канти за селектирање на отпадот.
Граѓаните најпрво ќе треба да го селектираат отпадот во своите домови. Во Загреб ќе бидат набавени 376 000 специјализирани контејнери и за ова ќе бидат потрошени 8 милиони евра. Сите контејнери ќе бидат со чип, а со сензори поставени на камионите ќе се отчитува волуменот на отпад во контејнерот. Се очекува дека за две години, ќе може да се селектира 50% од вкупниот отпад.
Јавното претпријатие Čistoća од Загреб ќе понуди контејнери за мешан отпад од 80, 120 и 140 литри, како и контејнери од 1.100 литри. Слично е и во најголемиот дел од останатите хрватски градови. Освен волуменот на контејнерот, при сметката за наплата ќе се зема предвид и колку пати истата била испразнета.
Ценовникот ќе им биде достапен на граѓаните откако ќе достават потпишана изјава за добивање канти за селектирање на отпадот или пак доколку имаат канти, изјава со која комуналното претпријатие ќе може да постави баркод со што ќе се гледа дали правилно се селектира.
Во Загреб овој процес со бележење на кантите би требало да се заврши за шест месеци, додека пак во најголемиот дел од градовите, наплатата ќе започне до крајот на годината.