Хрватскиот иноватор и производител на електрични автомобили, Мате Римац, објави дека една голема германска автомобилска компанија доаѓа во Србија за да произведува компоненти за електрични автомобили, пренесува Bizlife. Мате Римац на својот профил на Facebook објави дека бил на состанок со компанија која има приходи речиси на исто ниво како хрватскиот БДП, но не открива за која компанија станува збор.
Тој наведе дека германската компанија барала локација во источна Европа за изградба на фабрика за електрични погонски системи. Според него, во игра биле 15 држави, а во финалето останале само Србија и Македонија. На крајот ја избрале Србија, каде што ќе се произведуваат стотина илјади погонски системи.
Римац додава дека поради проактивноста на српската влада договорен е уште еден голем проект, за кој не му е нему место да објавува детали. „Жал ми е што не дознав порано зашто ќе се потрудев да се земе предвид Хрватска. Но, можеби е подобро вака, затоа што веројатно не би бил првиот кој се обидел да го направи тоа“ вели Римац.