Трката во развојот на вештачка интелигенција потсетува на трката со наоружување во текот на Студената војна, но додека таму во прв план беа САД и Русија, се чини дека тие земји барем кога е во прашање вештачката интелигенција немаат никакви шанси против Кинезите. На тоа предупреди Ејми Веб, основач на институтот Future Today во својот редовен годишен извештај за трендовите во технологијата.
Тие трендови за годинава вклучуваат и вселенски патувања, промени во гените на луѓето на кои работат научниците, глобален недостиг од научници и експерти за податоци, но најголемиот фокус ќе биде ставен на вештачката интелигенција. Веб при објавата на тие трендови коментираше дека ако денес информациите се толку вредни колку нафтата порано, тогаш Кина со својата онлајн популација од над 730 милиони луѓе има пристап до најголемиот и најважен природен ресурс од иднината – податоците за тие корисници.
Исто така, во Кина не постојат ни толку строги закони врзани за приватноста и безбедноста на корисниците, шт им дава предност во однос на други земји каде што приватносѕа и правата на корисниците се исклучително битни. Колку е вештачката интелигенција е важна за Кина покажува и податокот дека земјата инвестирала повеќе пари во AI од сите останати земји во светот и е најголем инвеститор во компаниите кои се занимаваат со истражување и развој на вештачка интелигенција.
Ејми Веб се прашува која е крајната цел на Кина со оглед на големите инвестиции во вештачка интелигенција и дали е тоа добро за иднината на човештвото. Што се однесува на останатите технологии врзани за вештачката интелигенција, можеме да очекуваме понатамошен развој на технологијата за препознавање лице и говор, при што посебно се издвојуваат паметните звучници. Таа смета дека 2018 година ќе биде почеток на крајот за традиционалните паметни телефони, кои со тек на време ќе ги замени преносна технологија како паметни часовници, очила, слушалки и други паметни уреди со кои ќе можеме да комуницираме со гласовни команди.
Во текот на предавањето на кое ги претстави трендовите во технологијата издвои и девет компании кои ќе ја контролираат вештачката интелигенција во иднина и сите тие се добро познати технолошки гиганти: Tencent, Baidu, Alibaba, Amazon, Google, Microsoft, Apple, Facebook и IBM, при што како најбитни компани на кои треба да се обрне внимание ги издвои токму кинеските Tencent, Baidu и Alibabа.