Најбрзиот софтвер за преземање на податоци од сателитот Blink, кој може 20 пати побрзо да презема податоци отколку решенијата на НАСА, го доби својот прв комерцијален корисник. Хрватската компанија Amphinicy Technologies, која го разви софтверот, потпиша договор за првата испорака на софтверот со најголемиот комерцијален сателитски оператор во светот, корпорацијата SES, пренесува Poslovni Dnevnik.
Томислав Накиќ – Алфиревиќ, кој е раководител на одделот за земјини сателитски решенија во компанијата, изјави дека Blink е во рана фаза на комерцијализација и додаде дека интерес покажале и НАСА, но и други компании.
„Amphinicy потпиша договор за првата испорака со SES и тоа за потребите на Европската вселенска агенција (ЕСА), а испораката е во тек. Покрај тоа, минатата недела разговаравме и со NASA, но има интересни предлози и од други организации“ изјави тој.
Компанијата добила потврда и од ЕУ за своето решение како врв на вселенската индустрија во Европа. Во склоп на една програма компанијата добила субвенции од скоро 1,3 милиони евра, а за овој грант компанијата се натпреварувала со 1 200 компании од цела Европа.
Решението односно софтверот Blink овозможува, постоечките спори врски за преземање на податоци од сателитите да ги претвори во ултрабрзи. Во 2015 година ЕУ првпат ѝ одобри на компанијата неповратни средства за оваа намена кои тогаш изнесувале 50 илјади евра за подготовка на комерцијализација на Blink. Со новата финансиска инјекција се очекува неговите функционалности да се прошират и да добие зголемена примена.
„Гледајќи ја големата слика, Blink го поддржува процесот на прием на сателитските податоци на Земјата и тоа го прави поевтин, побрз и поквалитетен што подоцна може да има примена во многу подрачја“ изјави Накиќ – Алфиревиќ. Тој појасни дека планираат да овозможат моментална обработка на сателитските податоци. Ова ќе отвори нови можности за побрза и поквалитетна реакција на глобалните случувања како земјотреси, поплави, миграциски кризи но и случувања во економијата со тоа што ќе отвори нови можности за земјоделството, екологијата и логистиката. Дополнително, компанијата сака да го направи софтверот уште побрз.
Компанијата за таа цел ќе го прошири дополнително постоечкиот тим од 40 вработени, а за таа намена ќе искористи дел од средствата добиени од ЕУ.