Македонската апликација InHouse Gallery овозможува визуелизација на уметнички дела во вашиот дом

- Advertisement -

Колку пати сте помислиле дека би било добро да видите како одредено уметничко дело би изгледало во вашиот дом пред да го купите? Mакедонскиoт претприемач Васил Стојчев се соочил со истово прашање и во неможност да дојде до вистинскиот одговор решил да ја направи мобилната апликација InHouse Gallery која ќе им овозможи на корисниците визуелизација на уметнички дела во нивниот дом!

Го прашавме Васил како дошол до идејата за ваква апликација и како почнал да ја реализира истата.

- Advertisement -

„Идејата ја добив сосема случајно, кога работев за уметникот Моника Ризовска која имаше изложба и печатев промотивни материјали за таа намена. На нејзиниот сајт имаше поставено повеќе нејзини дела, а на друг дел од сајтот истите беа прикажани како би изгледале поставени во простор. Она што ме воодушеви беше тоа што едно исто уметничко дело кога ќе го видиш изложено помеѓу други дела и кога ќе го видиш прикачено во реален простор изгледа како сосема различно уметничко дело. Тогаш всушност почнав да размислувам за апликација преку која делата од еден ликовен уметник ќе можеш да си ги видеш во својот простор“, раскажува Васил за почетоците со апликацијата.

- Advertisement -

Потоа следувало пронаоѓање на девелопер со кој ќе са развива апликацијата. Потрагата била доста макотрпна, а тој постојано ги посетувал настаните во Скопје каде можат да се запознаат програмери и каде може да се дознае повеќе за развојот на оваа сцена во Македонија. Потрагата резултирала со партнерство со Никола Миноски кој работел на развивање на апликацијата.

„Апликацијата денес фунцкионира успешно, но има некои ситни багови и уште работиме на нивно отстранување. Заинтересирани девелопери  – повелете. Минатото лето правев некои тестирања, па и покрај постоечките предизвици успеав да ја продадам на неколку уметнички галерии и уметници. Ова е многу важно за нас бидејќи апликацијата доби валоризација, односно концептот за ваков тип на апликација доби потврда дека има пазарна потреба“.

- Advertisement -

„Ја проширив и со многу иновативни бизнис картички и ова е само еден од начините на кои апликацијата може да се користи. Бизнис картичките освен што ги содржат податоците за уметникот, содржат и QR код. Кога уметникот ќе ја даде својата бизнис картичка на клиент или на галерија, тие можат ќе го скенираат QR кодот со својот паметен телефон, тој веднаш ќе ги однесе до апликацијата каде се наоѓаат делата на уметникот. Веднаш потоа клиентот отвора некое од делата, му се вклучува камерата преку апликацијата со која го слика ѕидот каде би сакал да го постави делото и ги разлистува делата на уметникот виртуелно поставени на ѕидот во својот дом или канцеларија. Потоа може да оствари контакт и да нарача дело за коешто е сигурен дека ќе му одговара на просторот“, додава тој.

За да може да биде успешна една ваква апликација, мора да се размислува истата да биде пласирана и на други пазари. Македонскиот пазар е релативно скромен кога се работи за уметност, па дури и при првичната идеја за апликацијата InHouse Gallery било зацртано истата да се пласира на глобалниот пазар.

Она што е интересно со македонскиот пазар, е тоа што прво почнавме да ја нудиме бесплатно и видовме дека така никој не ја цени. Потоа решивме да ја наплаќаме и видовме дека се менува перцепцијата. Покрај неколку македонски уметници кои ја користат апликацијата, веќе имаме и странски корисници, па така на пример апликацијата се користи на еден уметнички саем во Холандија, од една галерија во Австралија и други поединечни уметници. Тие ги увидеа предностите од апликацијата, сфатија дека неma нiшто што  да изгубат од користењето на истата.

Беше многу интересно кога првпат ја претставував апликацијата на еден пријател овде, со тоа што тој пробуваше неколку дела како би одговарале на неговиот ѕид преку апликацијата и веднаш го купи избраното дело. Првата официјална продажба со помош на апликацијата е направена во Македонија, а продадено е едно од делата на Моника Ризовска.“

[quote]InHouse Gallery е доста интуитивна апликација и сведочи за навлегувањето на дигитализацијата дури и во уметничкиот свет. Уметникот преку апликацијата ја унапредува и својата промоција и ја докажува широката примена на технологијата во уметноста.[/quote]

„Апликацијата е многу престижна поради фактот дека уметникот поставува линк од апликацијата на својата социјална мрежа и потенцијалните клиенти преку апликацијата ќе можат да го видат неговото дело како би изгледало во нивниот дом. Дополнително, во своето портфолио во апликацијата има и промотивно видео за уметникот кое тој може да го објавува и користи за негова промоција, а воедно и за промоција на апликацијата. “

Кои се следните планови за InHouse Gallery?

„Ќе менуваме одредени делови и планираме да додадеме нови функционалности, односно некои од постоечките да замениме со нови. Постојано добиваме фидбек од уметниците, и го користиме за унапредување и надоградување на апликацијата. Па така, од комуникација со нив сфативме што најмногу им одговара ним за промоција. Нивната улога во унапредувањето на апликацијата е од исклучителна важност за развојот на апликацијата бидејќи јас не сум уметник и оние нешта кои јас мислев дека се важни да ги има во апликацијата, од нив добивме фидбек дека и не се толку важни, а и обратно, нешта кои јас мислев дека не мора да ги има, имаат важност за нив. Во моментот апликацијата е многу едноставна за користење, но видовме дека треба да ја направиме три пати поедноставна за да биде разбирлива за луѓето кои не се блиски со ИТ.

Во наредната фаза од развојот на апликацијата, планираме да ја понудиме како персонализирана за секој уметник посебно со што тој преку апликацијата ќе може да ги претстави единствено неговите дела бидејќи во моментот апликацијата нуди портфолија од повеќе уметници. Моментално е достапна само за уредите кои работат со Android оперативен систем, а веќе разговараме и планираме да го почнеме развивањето и на верзијата за iOS.

Во иднина би сакале повеќе да поработиме на развивање на маркетинг стратегијата на апликацијата. Во тимот ни недостасува енергичен млад човек кој ќе работи на промоцијата на апликацијата на социјалните мрежи. Отворени сме за соработка бидејќи допрва ќе расте популарноста на апликацијата.“

Апликацијата InHouse Galley е достапна на сервисите на Google Play на следниов линк, а доколку сте уметник кој посакува своите дела да ги промовира и продава преку апликацијата, она што ќе треба да го направите е да остварите комуникација со Васил Стојчев кој детално ќе ви ги презентира бенефитите на апликацијата

За да добиете подобра слика за современоста и предностите на апликацијата, погледнете го следново видео.

(Пишува – Бисера Срцева)

Сподели!
- Advertisement -