Pricewaterhouse Coopers предвидува три фази на автоматизација кои ќе ги променат работните места до 2030 година
Извештајот објавен од Pricewaterhouse Coopers, анализирајќи ги фазите на автоматизацијата во бизнисот и работењето, заклучува дека автоматизацијата до 2030 година значително ќе влијае на вработувањето на луѓето и нивната улога во економијата на иднината. Извештајот именуван како „Дали роботите навистина ќе ни ги украдат работните места?“ може да се погледне целосно на следниов линк.
Истражувањето анализирало кои задачи и вештини се потребни за работните место на 200 000 вработени од 29 држави во светот со цел да се процени потенцијалниот ефект на автоматизацијата во различни индустрии. Се претпоставува дека до 2020 година, 3% од работните места во светот ќе бидат загрозени од автоматизацијата, а трендот се очекува да расте со тоа што овој процент ќе дојде до 30% до 2030 година.
На почетокот најмногу од автоматизацијата ќе бидат погодени жените, додека пак машката популација ќе ги почувствува промените во текот на 2030тите години. Причина за ова е типот на задачите кои се подложни на автоматизација и моменталните профили по род вработени во секторите.
Првата фаза од автоматизацијата е фазата на алгоритми која веќе се спроведува. Таа вклучува автоматизација на анализата на податоци и едноставни дигитални задачи. Се очекува оваа фаза да ја доживее полната зрелост во првата половина на 2020-тите години.
Втората фаза е фаза на аугментизација или проширена автоматизација и се очекува да доживее полна зрелост при крајот на 2020-тите години. Оваа фаза се фокусира на автоматизација на повторувачките задачи и размената на информации, како и развојот на дронови, роботи и делумно автономни автомобили.
Третата фаза е фазата на автономија и се очекува да го достигне врвот во средина на 2030тите години. Вештачката интелигенција ќе биде многу поспособна за анализа на податоци од повеќе извори истовремено, да носи одлуки и да презема физички активности. Целосно автономните возила во овој период веќе се очекува да почнат да се користат во стопанството.
Уделот на автоматизацијата во работните места варира од земја до земја, но проценките се дека во 2020-тите години, уделот ќе изнесува од 20% до 25% во некои од источноазиските и скандинавските економии, како и до 40% во источна Европа каде постои поголемо индустриско производство кое е полесно за автоматизирање.
Во текот на 2030тите пак, уделот на автоматизацијата во индустријата ќе достигне 52%, додека пак најмалку во секторот на образованието, односно 8%.
Во просек, високо образованите вработени со диплома ќе бидат помалку изложени на ефектите од автоматизацијата, а повеќе ќе бидат погодени оние со средно ниво на образование. Помалку образованите вработени пак ќе бидат најмногу погодени што ја нагласува потребата од доживотно учење и преквалификација. Се очекува повозрасните генерации потешко да се прилагодат на овие промени во наредните две децении отколку помладите.