Lunavity е ранец кој ја зголемува способноста за скокање на луѓето, а го направи тим од студенти од Универзитетот на Токио. Нивната инспирација ја црпат едноставно од апсурдната потреба луѓето да можат да лебдат на кратко во воздух. Гаџетот засега има нефункционален прототип кој беше претставен неодамна на конференцијата за технологија SXSW во Остин, Тексас.
Ранецот има ротори кои се доволно моќни за да го подигнат човекот и да му помогнат да скокне повисоко и да остане подолго во воздух отколку што е физички возможно, пишува Daily Mail. Тимот кој го направи гаџетот велат дека со помош на овој гаџет луѓето ќе можат да скокаат два до три пати повиско од нормално.
Ранецот е така направен да реплицира средина со ниска гравитација, а токму оттаму доаѓа и името на ранецот по Месечината – Lunavity. Креаторите на Lunavity се сосема свесни за непотребноста од еден ваков производ, но го опишуваат ранецот како нешто што ќе го направи светот поинтересно место за живеење.
Симулација на тоа како треба да функционира овој гаџет се појави на YouTube во текот на овој месец и на него може да се види како човек носи Lunavity и скока преку пешачки премин, забива баскет во кош и наводнува дрво подигнато високо во воздух. Засега нема најавена цена, ниту конкретен датум кога ќе се појави Lunavity на пазарот, а прашање е и дали овој производ ќе биде прифатен на други места освен Јапонија.