Пластичниот отпад се зголемува од ден во ден, а се прогнозира дека до 2025 година, тврдиот отпад ќе достигне дo 6 милиони тони на ден што е зголемување за 70% во однос на 2010 година. Големите држави, а и Европската унија, веќе се обврзаа да го ограничат користењето на пластика за една употреба и да ги адаптираат регулативите за рециклирање.
Додека чекаме институционални решенија, секој од нас може да направи промени во своето секојдневие за да го намали придонесот кој го има кон зголемувањето на пластичниот отпад. Еве некои начини како да почнете да го правите тоа.
1. Не користете пластични кеси, пазарувајте со платнени торби
На светско ниво се користат преку 1 трилион пластични кеси дневно, а само околу 5% се рециклираат. Најголемиот дел од нив завршуваат на депонии, во океаните или едноставно во околината.
Отстранувањето на пластичните кеси од вашиот секојдневен живот може да биде многу едноставно. Кога ќе влезете во продавница само за два до три производа, не земајте кеса. Кога треба да пазарувате повеќе, тогаш купете си платнени торби кои ќе ги реупотребувате.
2. Не купувајте вода во пластични шишиња, користете стаклено шише кое ќе го реупотребувате
Пластичните шишиња за вода се уште еден облик на пластика која не само што не ни е потребна, туку и ретко се рециклира – 80% од пластичните шишиња завршуваат загадувајќи ја животната средина.
Наместо постојано да купувате вода во пластично шише, купете си метално или стаклено шише кое ќе си го полните со вода од дома и ќе го реупотребувате.
3. Не користете фолии за храна, складирајте ја во садови
Пластичните фолии се лесно решение за да ја заштитете храната која ви останала, но е многу тешка за рециклирање и најчесто завршува на депониите или во вашата средина.
Користењето на садови, по можност стаклени, е полесен, побезбеден и поевтин начин на долг рок за складирање на остатоците од храна.
4. Не користете пластични цевчиња
Иако можеби не ви делуваат штетни, пластичните цевчиња најчесто не се рециклираат, а завршуваат во природата загадувајќи ја истата. Да не зборуваме пак колкава штета причинуваат кога ќе завршат во океаните, бидејќи рибите многу често ги сметаат за храна и ги конзумираат.
Обидете се кога ќе седнете во кафуле следниот пат, да не барате пластично цевче за во пијалокот.
5. Избегнувајте користење стиропор
Стиропорот е материјал кој не се рециклира и потребно му е многу долг период за да се распадне во околината. Обидете се да избегнувате користење на стиропор.
6. Купувајте свежа храна која не е обвиткана во пластична амбалажа
Купувањето на свежо овошје и зеленчук кое не е пакувано може да биде многу поевтино, особено пак доколку се работи за сезонски производи.
Често пати пластичната амбалажа во која можат да се видат овошјето и зеленчукот во маркет е непотребна. Користете кеси кои ќе ги понесете од дома за да ги спакувате купените производи и повторно: донесете ги дома во платнета торба.