Доколку го споредиме животниот стил на луѓето денес и пред неколку години или пред неколку децении, денес животот е многу понапреден и високотехнолошки во споредба со претходно. Луѓето тоа го должат на брилијантните умови на многу индивидуалци и компании кои развиваат многу напредни уреди и опрема. Технологијата создава многу шанси во животот на луѓето, многу работи ги прави подостапни и полесни за користење. Многу е лесно да се управува со нештата со еден клик на копче, да се има комфор и удобност и позитивни резултати.
Технологијата го освои светот и живееме во време кога повеќето од нас, ако не сите, користиме технолошки уреди во текот на целиот ден – од мобилни телефони, лаптопи, телевизори до понапредна технологија. Некои технолошки уреди ги користиме и додека спиеме, како што се фитнес часовниците и сличните на нив уреди кои го следат сонот, срцевиот ритам и другите биолошки функции на телото.
Денес во 21 век 90% од предметите кои ги поседуваме се базирани на технологија и нашиот секојдневен живот е нецелосен без нив. Тоа значи дека со текот на годините како што се зголемува бројот на технолока опрема и уреди нашите желби исто така се зголемуваат и повеќе не ни е доволно да имаме само мобилен телефон. Но развојот на технологијата има многу импликации врз нашиот живот – и позитивни и негативни. Се прашувате кои се ефектите од животот во еден ваков технолошки свет? Нема да негираме дека секој технолошки напредок е добар, но еве кои се ефектите од секојдневната употреба на технологија.
Повеќе обврски за пократко време!
Животот во едно вакво време ни овозможува да постигнеме многу повеќе работи за пократко време. Поради напредната технологија олеснета е комуникацијата. Имаме уреди кои ги бришат физичките и географските граници меѓу луѓето, па така не само што можеме да бидеме блиску до семејствата и пријателите, можеме и да развиваме бизниси преку океани и континенти.
На луѓето со некаков вид инвалидитет технологијата им дава шанса полесно да пристапуваат до многу работи. Тоа не мора да го прават рачно туку далечински со само неколку кликови. Технологијата обезбедува и опрема која значително го олеснува животот на старите луѓе или луѓето со инвалидитет.
Тука се и медицинските иновации за контролата и одржувањето на здравјето. Повеќе нема потреба со денови или месеци да се чекаат резултатите од некое испитување туку можеме сами да си го следиме здравјето и со специјални гаџети да контролираме или да идентификуваме некоја медицинска состојба.
Пристап до знаење!
Можеби втор најбитен позитивен ефект на технологијата врз животот на луѓето е пристапот до образование. Додека порано само т.н. елита имала пристап до квалитетно образование, денес Интернетот го крие знаењето од целиот свет, а бидејќи речиси сите имаме уреди кои имаат пристап до Интернет, сите ја имаат привилегијата да учат.
Има илјадници страници и апликации целосно посветени на споделување информации со луѓето и учење на младите на нови нешта. Имајќи при рака толку технолошки ресурси, нема повеќе изговори за игноранција и неукост. Се додека имате технолошки уред со кој можете да се приклучите на Интернет, на дланка ги имате сите информации кои ви се потребни. Дури и ако финансиите се проблем, повеќето библиотеки и образовни институции сега нудат бесплатен пристап до информации.
Од друга страна, поради употребата на технологијата на погрешен начин, луѓето можат да се соочат со социјална изолација. Тоа се карактеризира со недоволно комуникација или контакт со луѓе во секојдневниот живот во нормални активности со пријателите или на работното место. Луѓето може дури и целосно да се излоираат доколку поминуваат премногу време пред мобилните уреди или пред компјутер. Според едно истражување, луѓето кои се социјални изолирани живеат пократко од другите. Сосема логично – бидејќи премногу време поминуваат седејќи или лежејќи, не се доволно физички активни и несвесно развиваат прехранбени навики кои водат до гојазност.
И не само тоа. Поради социјалните медиуми, денес луѓето не можат да уживаат ниту во еден приватен момент без светот да дознае за тоа. Технологијата создава совршена формула за депресија поради немањето човечки контакт, неактивен животен стил и прејадување.
Лошиот сон е уште еден негативен ефект на технологијата. Има работи кои до толку ги интересираат луѓето што остануваат будни цела ноќ или стануваат во рани зори за да видат нешто на Интернет. Онлајн активноста придонесува за чувство на постојан немир на мозокот и неможност за релаксација. Екраните на мобилните уреди влијаат на мелатонинот, односно хормонот одговорен за сонот. Токму затоа е подобро технолошките уреди да се чуваат надвор од спалната соба за во оваа модерна доба да можеме да имаме здрави животни навики.
Зависност!
Премногу честата употреба на технологијата постепено доведува и до зависност од неа. Знаеме, технолошките уреди се многу лесни за користење, па полека почнуваме да ги употребуваме за речиси секој сегмент од животот и со тек на време несвесно стануваме зависни дури и за наједноставните задачи. Доколку имаме некое прашање или проблем, наместо самите да се обидеме да најдеме одговор и низ тој процес да научиме нешто, едноставно се потпираме на Google да ни каже што треба да правиме.
Многумина денес имаат живот кој се сведува само на социјалните медиуми. Постојано користат социјални мрежи, комуницираат преку нив, споделуваат фотографии и информации. Тоа е така затоа што социјализацијата и комуникацијата се многу пеодноставни онлајн отколку да се има самодоверба во реалниот свет. Исто и тоа може да доведе до посериозни проблеми понатаму како што е изолацијата.
Поради пристапноста до информации на Интернет, сега не може да се врши строга контрола кој што, кога и каде чита. Ова особено е опасно за младите луѓе, кои допрва развиваат свои критички ставови и мислења. Доколку потпаднат под погрешно влијание, може да стекнат сосема нездрави сфаќања за светот околу нас. Особено имајќи предвид колку лажни вести кружат во последно време.
Да сумираме. Дефинитивно има многу негативни аспекти на оваа нова технолошка ера, но кога ќе ги ставиме на вага предностите и развојот кој ни го овозможила технологијата, нема сомнение дека не би можеле да постоиме без неа денес. Технологијата е таа која донесе напредок на многу полиња, а негативните ефекти би можеле да се избегнат доколку се внимава на нив и се води контрола технологијата да се користи на безбеден и разумен начин.
(Пишува- Дијана Митревска)