Соларното дрво поставено во паркот „Бане Милосављевиќ“ на кое граѓаните од пред неколку дена можат да ги полнат своите телефони и таблет уреди е пуштено во функција. Ова дрво е донација од компанијата TELEMAX за градот и беше пуштено во употреба во чест на Денот на планетата Земја и денот на градот, пишува Nezavisne Novine.
Соларното дрво го пуштија во употреба градоначалникот на Бања Лука, Игор Радојчиќ и директорката на TELEMAX, Аријана Максимчук. Директорката Максимчук изјави дека ова дрво е една иновација чија цел е жителите да се запознаат со начинот на претворање на соларната енергија во струја.
„Сите наши сограѓани од денес на дрвото можат да ги полнат телефоните и можат да седнат и да одморат“ изјави Максимчук и додаде дека ова е иднината на енергијата. Градоначалникот Радојчиќ истакна дека градот мора да гледа напред во иднината и дека е потребно да се види што ги интересира идните генерации и што носи новата технологија.
„Од една страна, ова е украс во центарот на градот, а од друга, укажува на обновливите извори на енергија, затоа што современиот свет се соочува со предизвикот на огромна потрошувачка и потреба од повеќе обновливи извори“ порача Радојчиќ.
Соларното дрво е метална контрукција која со изгледот потсетува на дрво со гранки, на чии врвови се наоѓаат соларни панели. Тие панели сончевата енергија ја претвораат во струја, која ќе се користи за полнење батерии на преносни уреди.