„Еко солар“ од Штип ја конструираше првата соларна сушница во земјава

- Advertisement -

Компанијата „Еко солар“ од Штип е првиот и засега единствен производител на сушници кои работат на соларна енергија во земјава. Иновативната идеја ја препозна и Фондот за иновации и технолошки развој, кој одлучи да го финансира проектот

Стефан Трајков

(Пишува- Сања Наумовска)

Тимот на „Еко солар“, што ја креираше оваа еколошка сушница го сочинуваат двајца машински инженери, еден електротехничар и двајца машински техничари, кои заедно имаат над 10 години заедничка работа на проекти врзани со соларната техника. Тие за овој изум беа наградени на „ЕкоНова 2017“, со златен медал во полето екологија. На оваа манифестација тимот на „Еко солар“ учествуваше со проектот за соларна сушница поврзана со мобилна фотоволтаична единица, за сушење на производи на места каде нема електрична енергија. Ова се поводите да поразговараме со Стефан Трајков, машински инжинер, дел од тимот што работи на ова иновативно решение.

- Advertisement -

Г-дин Трајков, Фондот за иновации и технолошки развој ќе го финансира проектот на „Еко солар“ за производство и продажба на мали и средни соларни сушници за овошје. За каков проект се работи?

Компанијата „Еко солар“ на повикот на Фондот за иновации и технолошки развој конкурираше со проектот за сушница, која со помош на сончевата енергија суши овошје, зеленчук, чаеви, билки, печурки итн. Се работи за иновативен, енергетски ефикасен и еколошки производ, кој со искористувањето на енергијата од сонцето ја штити животната средина, а од друга страна производството на сушени производи го прави многу поефикасно и финансиски поисплатливо.

- Advertisement -

Сушницата е дизајнирана на тој начин што може да работи во текот на целото деноноќие, бидејќи во неа има вградено и електричен грејач, со помош на кој, во вечерните часови или во период кога нема сончево зрачење, продолжува процесот на сушење. Чиниите во сушницата се изработени од инокс, со што се запазуват стандардните за квалитетно сушење.

Што е предноста на вашите соларни сушници, во однос на конкурентските, кој е иновативниот дел во овој проект?

- Advertisement -

Соларната сушница на „Еко солар“ – ECO 120 има можност за максимална апсорбција на сончевата енергија во текот на целиот ден. Тоа се постигнува со нашето иновативно решение да секоја страна на соларната сушница е апсорбер. Главниот апсорбер е изработен од бакар, но и другите страни исто така ефикасно апсорбираат сончеви зраци.

Дополнителна предност на соларната сушница е електрониката што „Еко солар“ ја користи во производството. Тоа овозможува процесот на сушење целосно да биде контролиран. Врз основа на производот што сакаме да го сушиме, ги внесуваме препорачаните параметри за сушење, со цел да добиеме краен производ со поголем квалитет. Доколку, на пример, во моментот кога се користи сушницата, имаме сончево зрачење со мал интензитет, автоматски се вклучува електричниот грејач, се` до моментот додека не се постигне посакуваната температура. Тогаш исто така автоматски, самата електроника го исклучува грејачот.

Каде наоѓа примена соларната сушница, дали можат да ја користат и домаќинства?

Целната група за овие производи ни се земјоделците или компаниии кои се занимаваат со сушење на овошје, зеленчук, билки, печурки….. Последно што сушевме беа вишни. Тие ни беа доставени во замрзната состојба и без семка. Во процесот, вишната прво се одмрзнува, а потоа се суши. Предходно сме сушеле и јаболка и модри домати, а следно ќе сушиме печурки.

Инаку, капацитетот на овој модел е сушење од 100 до 150 килограми на ден, во зависност од продуктот. Сепак, откако го анализиравме пазарот и ги разгледавме сите мислења на наши клиенти и потенцијални клиенти, заклучивме дека на пазарот има потреба и од соларни сушници со поголем капацитет. Нашата земја е производител на врвни земјоделски производи, овошје и зеленчук со голем квалитет, кој е високо ценет на странските пазари. Заради тоа сметаме дека бизнисот и вложувањето во сушници, особено оние кои користат сончева енергија, е многу исплатливо.

Во моментов работиме на конструирање сушница со капацитет на сушење од 500 килограми на ден. Според истражувањето што го спроведовме, во Македонија постојат сушници со овој капацитет кои работат на нафта или дрва. Нашата цел, пак, е во иднина што поголем број од нив како примарен извор ја користат сончевата енергија, а сите останати како секундарен извор.

Што ве мотивираше да се јавите на повикот на Фондот?

Македонија, како што спомнав, е земја која има големо производство на многу квалитетен  зеленчук и овошје, заради посебните географски услови, благата клима, големиот број сончеви денови и достапноста до вода. Но, и покрај сите тие поволности, ние увезуваме сушено овошје, што е незамисливо и недозволиво. Од друга страна, пак, цената на сушеното овошје е неколку пати поголема од таа на свежото овошје, што треба да биде дополнителен стимул за земјоделците да инвестираат во овој правец. Заради тоа мислевме дека на нашиот пазар има простор да се понуди еден ваков производ, што ефикасно ќе го искомбинира и искористи количеството сончева енергија што ни е на располагање, заедно со понудата на квалитетни производи за сушење. Секако, на крај на купувачите на македонскиот пазар ќе им се понудат и квалитетни сушени производи.

Какви се првичните реакции на пазарот, имате ли купувачи за сушарницата?

Мислам дека купувачите се` уште не се доволно информирани дека на нашиот пазар се нуди ваков производ . Ние сме првите и еднинствените производители на сушници кои користат соларна енергија. Досега бројот на купувачи е задоволителен, но во иднина очекуваме да биде поголем. Можам да кажам дека меѓу земјоделците постои мала скептичност, но така беше и со фотоволтаиците пред неколку години, така е, веројатно, со секој нови производ. Процесот на сушење е комплексна работа, па треба време нашите купувачи да ни пратат одреден фидбек за тоа како поминал процесот на сушење, колку траел и во кои услови. Во делот на проектни активности, што беше доставен во Фондот за иновации, е предвиден и дел со консултанти, кои ќе бидат задолжени конкретно за работни услови во сушарата за одредена група на земјоделски производи.

Пробивањето на сушарницата на домашниот пазар во моментов ни е приоритет, во однос на странските, бидејќи за да настапиме на странските пазари треба прво високо да котираме на домашниот. Заради тоа, во овој период ќе се посветиме на промовирање на соларната сушница пред домашните купувачи. Во иднина, секако, планираме и излез на пазарите во Европа.

Сподели!
- Advertisement -