Јапонски истражувачи открија нов начин за производство на алкохолни пијалаци. Како извор за алкохол тие искористија ни помалку, ни повеќе туку – обично дрво, и тоа од цреша и други типови дрво, пишува Phys.org.
Истражувачите од јапонскиот Истражувачки институт за шумарство велат дека пијалаците базирани на кората на дрвјата имаат „дрвени“ квалитети слични на алкохолот кој долги години е чуван во дрвени буриња. Тие се надеваат дека нивниот „дрвен алкохол“ ќе се најде на полиците во продавниците за 3 години отсега.
Методот на производство вклучува мелење на дрвото до кремава паста, а потоа се додава квасец и ензими за да почне процесот на ферментација. Со избегнување на високи температури истражувачите велат дека можат да го сочуваат специфичниот вкус на секој тип дрво.
Досега тие имаат направено алкохол од кедар, бреза и цреша. Од четири килограми дрво од кедар се добиваат 3,8 литри течност со процент на алкохол од 15%, слично како јапонското саке. Истражувачите експериментираат со варена и дестилирана верзија на новиот алкохолен пијалак, но сметаат дека дестилираниот алкохол е подобар.
Ферментацијата на дрвото веќе се користи како метод за добивање биогориво, но тој производ содржи токсини и нема вкус. „Со напиот метод се добива пијалак со вкус на дрво затоа што не користиме високи температури или сулфурна киселина за разложување на дрвото“ велат истражувачите.
Институтот има широки овластувања за научни истражувања на огромните површини со шуми во Јапонија, но истражувачите сметаат дека алкохолот од дрво досега е најочигледната примена на нивните ресурси. Владиниот институт сака да го комерцијализира производот заедно со некој партнер од приватниот сектор.
„Јапонија има многу типови дрвја и се надеваме дека луѓето ќе можат да уживаат во алкохолни пијалаци направени од типови дрво специфични за секој регион“ додаваат од Институтот.