Facebook досега укина околу 200 апликации во рамките на првиот чекор од ревизијата на апликациите кои имаат пристап до огромна количина кориснички податоци, а како одговор на скандалот, во чиј центар се најде компанијата за политичко советување Cambridge Analitica. Апликациите се укинати во рамки на деталната истрага за тоа дали може со помош на апликациите да се злоупотребат податоците за корисниците, изјавија од Facebook.
Компанијата објави дека досега направила анализа на илјада апликации во рамките на истрагата која на 21 март ја најави извршниот директор на компанијата, Марк Цукерберг. Основачот на најголемата социјална мрежа во светот тогаш рече дека ќе ги истражи сите апликации кои имале пристап до огромни количини информации пред компанијата да им го ограничи пристапот во 2014 година.
Facebook го погоди кризата со довербата на корисниците, огласувачите, вработените и инвеститорите откако признаа дека податоците за околу 87 милиони луѓе, најголем дел од САД, дошле во рацете на компанијата Cambridge Analyticа, која ги злоупотребила за политички кампањи.
По избивањето на скандалот, во Америка и во Европа беа отворени неколку официјални истраги, а Цукерберг неколку пати се извинуваше поради кршење на приватноста на корисниците на најголемата социјална мрежа на светот. Cambridge Analytica во 2014 година преку психолошки прашалник на кој одговориле 270.000 лица ги собрала податоците за 87 милиони корисници на Facebook.