Од денес започнаа директните авио-летови од Варшава до Скопје

- Advertisement -

Со свечен пречек на патниците кои долетаа од Варшава, ТАВ Македонија попладнево го одбележа пристигнувањето на првиот директен лет од полската престолнина во Скопје, со кој оперира полската авиокомпанија LOT Polish Airlines. Патниците од Полска пристигнаа на Меѓународниот Аеродром Скопје со модерен „Ембраер“ воздухоплов, при што беа пречекани од девојки во традиционална македонска носија и колачиња за добредојде.

Директната авиолинија ќе се одвива редовно, шест дена во неделата во текот на летната сезона, освен во недела. Првиот лет од аеродромот „Фредерик Шопен“ во Варшава до Меѓународниот Аеродром Скопје полета од полскиот главен град во 10:35 часот, а во Скопје слета во 12:40 часот. Патниците од Македонија кон Полска, пак, ќе полетаат во 13:20 часот. Овој ред на летање важи за понеделник, среда и петок. Во останатите денови, односно во вторник, четврток и во сабота летот од Варшава ќе слетува во Скопје во 16:30 часот, додека поаѓањето од македонскиот главен град кон Полска е во 17:10 часот. Летот од Скопје до Варшава трае 2 часа и 5 минути.

- Advertisement -

Од ТАВ Македонија истакнуваат дека се многу среќни што ја додаваат и Варшава на сè подолгата листа на градови до кои може директно да се лета од Скопје.

- Advertisement -

„Воведувањето на директната авиоврска меѓу Скопје и Варшава е резултат на долготрајни маректинг активности, дискусии и преговори. Бизнисот на авиокомпаниите секоја година станува сè поконкурентен и тие се многу внимателни при донесувањето одлуки за избор на нови дестинации и влез на нови пазари. Поради тоа, сакам да им се заблагодарам на ЛОТ Полиш ерлајнс за додавањето на скопскиот аеродром во нивната мрежа на дестинации. Очекуваме дека со поврзувањето на Варшава со Скопје со директен лет, повеќе полски туристи ќе ја посетат и ќе ја спознаат Македонија, како и дека граѓаните на Македонија и соседните држави ќе можат да патуваат до Варшава директно и да ја искусат Полска. Исто така, оваа линија ќе послужи и за подобрување на трговските, економските и политичките односи меѓу Македонија и Полска.“, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

И од авиокомпанијата LOT Polish Airlines изразуваат огромно задоволство од воведувањето на новата линија.

- Advertisement -

„Навистина ми е драго што ќе им посакам добредојде на патниците од Македонија на летот до Варшава почнувајќи од денес. Благодарение на новата конекција, патниците од Македонија добија нов квалитет на патувањата не само до Полска и до многу градови во Европа, но и пошироко, до сите дестинации во светот како Њујорк, Лос Анѓелес или Торонто, со нашите најмодерни авиони од типот Боинг 787, во текот на целата година. Отворањето на оваа нова линија несомнено ќе ги поврзе и зближи Полјаците и Македонците, со поттикнување на поголем авиосообраќај како резултат на повеќе туристички патувања. Многу сме задоволни што благодарение на директните летови на ЛОТ до Скопје, отсега повеќе патници ќе го откриваат овој величествен град.“, изјави Мика Фијо, Главен комерцијален директор на ЛОТ Полиш ерлајнс.

Освен директна врска од Скопје до Варшава, новата авиолинија овозможува брза и погодна конекција од полската престолнина до повеќе дестинации во Источна и Западна Европа и во Скандинавија, САД (Њујорк, Њуарк-Чикаго, Лос Анџелес) и Канада (Торонто). Летовите од Скопје се испланирани така што трансферите на LOT до САД преку центарот во Варшава се реализираат по само 80 минути по слетувањето на аеродромот „Фредерик Шопен“.

LOT во моментов лета до вкупно 12 дестинации на Балканот. Освен до Скопје, во текот на летната сезона авиокомпанијата ќе лета и до Подгорица, Дубровник, Загреб, Сплит, Пула, Задар, Белград, Љубљана, Софија, Букурешт и Клуж-Напока. За годинава LOT веќе најави воведување на четири нови дестинации и тоа од Варшава до Скопје, Подгорица и до московскиот аеродром Домодедово, како и лет од Краков до Будимпешта и од Будимпешта до Њујорк и Чикаго.

ТАВ Македонија продолжува да бележи позитивни резултати. Во првите пет месеци од 2018 година (од јануари до мај), вкупно 822.678 патници патувале преку двата македонски аеродроми – Меѓународниот аеродром Скопје и охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, што е пораст од 20% на годишно ниво. Во исто време, вкупниот број на летови е 7.196 што е пораст од 17% во однос на истиот период лани.

Сподели!
- Advertisement -