„Ајде Македонија“: во Македонија скоро половина милион лица ги немаат сите оброци во текот на денот!

- Advertisement -

Ајде Македонија е организација чија мисија е Македонија без отпад. Како држава во која голем дел од населението работи во системот за производство на храна, создаваме многу отпад кој доколку се менаџира правилно, може да се пренасочи кон прехранување на оние кои не можат да си ги обезбедат сите потребни оброци во денот. Иновативност разговараше со Блаже Јосифовски, претседател на „Ајде Македонија“, кој раскажа повеќе за активностите на организацијата.

Oрганизацијата „Ајде Македонија“ започнала да функционира во 2011 година како движење за подигање на свеста на граѓаните за фрлањето отпад, а редовно организира и едукативни работилници низ училиштата за подигање на свеста за отпадот кој го создаваме уште од најмала возраст.

- Advertisement -

„Сметаме дека е време да воспоставиме системски пристап кон проблемите со отпадот. Се насочивме кон еден од најголемите проблеми: отпадот од храна. На глобално ниво, од 7 милијарди луѓе, околу 15% се вклучени во системите за храна како земјоделци, производители, готвачи и други системи кои се покажаа како неодржливи.

Ако сакаме еколошки и економско – социјални промени во Македонија, неопходно е да се делува во системот на храна, каде што има големи количини отпад од храна. Се работи за ниска свест и слаби капацитети, а вишоците храна секогаш се појавуваат помеѓу понудата и побарувачката, затоа што производителите секогаш нудат повеќе отколку што има побарувачка. “, раскажува Јосифовски.

- Advertisement -

Во Македонија околу 30% од храната завршува на отпад, а се работи за 6 до 12 илјади тони безбедна храна што се фрла секоја година!

- Advertisement -

„Се насочивме кон изнаоѓање решение за вишокот храна кај производителите и трговците, и како тој вишок да го пренасочиме кон хуманитарните организации. Храната ја гледаме како можност за општествена промена, бидејќи во Македонија има 445.000 граѓани кои не можат да си ги дозволат сите оброци во текот на денот. Справување со отпадот од храна има еколошки момент, но поважно е што може да им помогне на луѓето да излезат од сиромаштија“, вели Јосифовски.

Системот на „Ајде Македонија“ ги поврзува компаниите кои прозведуваат и тргуваат со храна и хуманитарните организации, преку веб платформа на која компаниите објавуваат дека имаат храна, а хуманитарните организации се пријавуваат да ја подигнат таа храна.

„Системот моментално е во зачеток и постојано наоѓаме нови компании и организации кои се приклучуваат. Засега е пилот проект кој се спроведува на територијата на Скопје, а се надеваме дека ќе се зголеми на национално ниво во наредните година или две. 

Овој систем вклучува пет компоненти: подигнување на свеста на граѓаните, веб платформа, лобирање за донесување закон за донирање на вишок храна, промена на ограничувањето на одговорноста на донаторите и граѓанските организации и развој на транспортна и дистрибутивна мрежа за функционирање на системот“, објаснува Јосифовски.

Граѓаните засега не можат директно да се вклучат во системот, односно не можат да донираат храна бидејќи тешко се контролира квалитетот на храната. Интересот на компаниите кои произведуваат храна и на хуманитарните организации расте, но Јосифовски укажува на одредени проблеми:

„Компаниите кои сакаат да донираат храна и да ги искористат даночните ослободувања од Законот за донации и спонзорства треба да поминат многу сложена процедура. Тој закон е целосно нефункционален и моментално го стимула фрлањето на храна, а го дестимулира донирањето. За компаниите е многу поедноставно да извадат еден документ со кој потврдуваат дека ја фрлиле храната на депонијата Дрисла, додека за донирање, процедурата е сложена и трае долго. На овој начин ги казнуваме компаниите поради тоа што сакаат да бидат општествено одговорни“.

Системот за пренасочување на отпадот од храна кон социјално загрозените луѓе треба да овозможи прецизно детектирање на тие што донираат и тие што ја примаат храната и тие што ја прибираат и дистрибуираат храната, и под кои услови.

„Рестораните исто така можат да донираат храна, со тоа што ние моментално обезбедуваме посебни услови за чување и дистрибуција на храната. Присутни сме на терен и знаеме каде точно настануваат вишоците на храна, на пример кога земјоделците ја произведуваат, кога се произведува во фабрика, во големите ланци на дистрибуција итн.“, вели Јосифовски.

„Ајде Македонија“ спроведува и други програми, како што е училишната програма за едукација за отпадот од храна.

„Се работи за програма имплементирана во угостителски училишта, место каде се создаваат идните готвачи, низ чии раце ќе поминат тони храна во работниот век поради што мора да бидат повеќе свесни за храната. Ги учиме на техники за ефикасно готвење и за системи за компостирање на органскиот отпад. На крајот на програмата ќе готват од вишоците храна за социјално загрозени земејства“, раскажува тој.

Се проценува дека вредноста на отпадот од храна на светско ниво е помеѓу 10 и 20 милиони евра, што значи дека потенцијалот кој постои во отпадот од храна е огромен, само треба ефикасно да се искористи.

„Вишокот од храна што нема да се донира може да се пренамени за компостирање и правење на ѓубрива, како и за производство на биогас. На овој начин би се отвориле повеќе работни места, со што неформалните собирачи на отпад кои ги гледаме на улица, можат одлично да се вклопат во систем во кој би се собирал отпадот од храна и соодветно би се искористувал“, предлага Јосифовски.

Се проценува дека Македонија во 2030 година сериозно ќе ги почувствува последиците од неодржливиот начин на кој моментално произведуваме храна, бидејќи кај одредени култури производството ќе се намали за 10% до 30%, а до 2050 година дури и за 50% до 70%.

„Како земја во која голем дел од граѓаните работат во производство на храна, многу е важно системот да ни биде одржлив и да не го фрламе вишокот храна“, заклучи тој.

(Пишува – Бисера Срцева)

Сподели!
- Advertisement -