Изнаоѓањето решение за намалување на загаденоста што ја предизвикува патниот сообраќај во земјава е главната цел на форумот „Намалување на загадувањето на воздухот со електромобилност“ што денеска во Скопје го организира Делегацијата на германското стопанство во Македонија
Директорот на Делегацијата, Патрик Мартен посочи дека во Скопје зимите не се само студени, туку има и проблем со загадувањето на воздухот и тоа е видливо и ги оптоварува граѓаните, а дека еден од најголемите загадувачи во градот се автомобилите.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека во Македонија има вкупно 80 електромобили од кои 47 во Скопје.
„Македонија има само еден избор – да ги следи трендовите. Не можеме да ги креираме трендовите, но треба да сме умни да ги пратиме и да ги пресликаме во нашето живеење. Неопходно е да се направат мерки за да се стимулираат граѓаните да купуваат електрични возила, но и да се развива мрежа за полнење на електричните возила. Не ни се потребни популистички мерки и да се дозволува увоз на билокакво возило за да може да се плати, бидејќи тоа влијае на здравјето.“, рече Анѓушев.
Нагласи дека на загадувањето на Скопје и Тетово најмногу влијае греењето, по што следи сообраќајот, а на трето место е индустријата. Владата, како што кажа, има предвидено мерки во Транспортната стратегија за стимулирање на електромобилноста, односно предвидени се 10 милиони евра поддршка за сите граѓани кои ќе сакаат да променат стари возила кои не ги исполнуваат еклошките стандарди со електричен автомобил.
Предвиден е еден милион евра за спроведување на транспортни стандарди во врска со одржливоста на животната средина и климатските промени во согласност со практиките на земјите од ЕУ, а за промоција на електрични возила и подобрувања на регионалниот јавен транспорт предвидено се 100.000 евра.Исто така се предвидени пет милиони евра за финансиска поддршка за набавка на хибридни и електрични возила во патниот јавен транспорт. Вкупно во следните неколку години се предвидени 16 милиони евра од државниот буџет за електромобилност.
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули прецизира дека бројот на возила во Македонија во 2016 година се зголемил за 77 отсто во споредба со 2012 година. Најголем удел во зголемувањето, потенцира, имаат дизел возилата со што нивниот вкупен број достигна 54 отсто.
„Транспортот во 2012 година имал удел од 24 отсто во вкупната потрошувачка на енергија, а во 2015 година достигнал 32,5 отсто при што 97 отстотно учество има патниот сообраќај. Во 2016 година само 39 отсто од патничките, 63 отсто од лесните товарни возила и 44 отсто од автобусите исплнувале ЕУРО 4 стандарс, а дури 40 отсто од тешките товарни возила имаат помал стандард од ЕУРО 1.“, рече Макрадули.
Тоа, додаде, укажува дека треба да се промени возниот парк особено кај тешките товарни возила. Тој исто така апелираше и за промена на навиките.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов истакна дека е непоходна сериозна работа во поставувањето на основната инфраструктура за полнење на електрични возила и додаде дека во мементов Градот располага со пет полначи за електромобили поставени на јавни површини, а докрајот на годинава се планира нивниот број да се зголеми за 30.
„Во Скопје паркирањето за електричните возила и полнењето на јавните полначи е бесплатно, а и во јавниот превоз веќе циркулира електричен автобус и се испитува колку е можна за употреба таа технологија. При крај е и тендерот за набавка на машини во ЈП Комунална хигиена кој предвидува да се набавуваат исклучиво електрични машини за чистење на улиците. Во иднина Град Скопје ќе набавува само хибридни и електрични возила, а до крајот на годинава ќе се набават 30 еколошки автобуси за ЈСП со кои ќе се заменат старите нееколошки автобуси.“, рече Шилегов.
Директорот на ЕВН Македонија, Штефан Петер рече дека во светот во моментов има два милиони електрични возила, а до 2030 година се предвидува нивниот број да изнесува 100 милиони, додавајќи дека Македонија е особоено добра за користење на електрични возила заради малата одалеченост меѓу дестинациите од максимални 200 километри.