Избирањето на вистинската шминка е комплицирано. Бојата што ја гледаме на амбалажата е одлична, но не секогаш ставена на нашето лице изгледа исто толку добро. Но, кога ќе го сфатиме тоа, веќе е доцна. Компанијата L’Oreal склучи партнерство со Facebook за да им помогне на потрошувачите да добијат подобра слика за тоа како изгледа шминката на нивното лице и кожа пред да ја купат, пренесува DailyMail.
Компанијата неделава откри дека ќе лансира платформа базирана на засилена реалност за виртуелно пробување кармини и сенки за очи, а понатаму планираат да воведат и течни пудри, па дури и производи за веѓи. За почеток брендовите кои ќе може да се испробаат виртуелно се NYX, Urban Decay, Lancome и Yves Saint Laurent.
Овој последен потег на L’Oreal има за цел да поттикне поголема онлајн продажба и продажба преку социјалните медиуми. Козметичките компании како ривалите на L’Oreal, Estee Lauder и малопродажниот синџир Sephora наголемо инвестираат во технологија затоа што знаат дека ова е ера на селфи фотографии и блогери за убавина.
Француски L’Oreal, кој е најголемата козметичка групација во светот, во март годинава ја купи канадската компанија ModiFace, специјализирана за проширена реалност и вештачка интелигенција. Одговорниот за дигитализација во L’Oreal, Лубомира Роше, вели дека со тек на време корисниците ќе можат сите козметички производи да ги испробаат виртуелно пред да појдат да ги купат.