ЕВН електродистрибуција и по целосната либерализација на пазарот на електрична енергија по 1 јануари идната година ќе продолжи да биде надлежна за приклучување нови корисници на дистрибутивната мрежа
– Во овој момент ЕВН електродистрибуција работи на нови мрежни правила за дистрибуција на електрична енергија кои треба да се донесат за една година од носењето на новиот Закон за енергетика, а тоа е јуни идната година, но очекуваме да бидат донесени до крајот на годинава. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) инсистира во новите мрежни правила да се зголеми опфатот на така наречените стандардни приклучоци и да се намали трошокот за стандарден приклучок, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.
Тој, пред почетокот на денешната подготвителна седница на РКЕ на која се се разгледуваат правилата за снабдување со електрична енергија што ќе важат по целосната либерализација на пазарот, ги повика општините во земјава да донесат соодветни детални урбанистички планови и соодветна друга планска документација со цел да им овозможат на домаќинствата и на сите други потрошувачи да бидат во рамките на стандардните приклучоци.
– Доколку се во рамки на стандардни приклучоци во овој момент за домаќинствата се плаќа по 500 евра за нов приклучок, а доколку се приклучуваат во подрачје каде нема детален урбанистички план тогаш се во група на нестандардни приклучоци и се плаќа врз основа на реални трошоци и најчесто тоа е за два до пет пати повисоко. Со носење на соодветни детални урбанистички планови ќе се намалат и трошоците на ЕВН електродистрибуција при градба на нова мрежа, а со тоа ќе се намали и цената за користење на дистрибутивната мрежа, рече Бислимовски.