Неколку илјади работници на градилиште на стадион за Светското првенство во фудбал во Катар добија елеци за разладување за да им биде полесно на тамошните екстремни температури. Организаторите на Светското првенство во 2022 година велат дека станува збор за најмодерна техника која може да ја намали телесната температура до дури 15 степени, пишува Zimo.
„Елеците за разладување имаат потенцијал да ги променат животите на нашите работници“ изјави претставникот на организаторите, Махмуд Катуб. Елеците се направени во соработка со британската компанија за производство на системи за разладување TechNiche, а почнуваат да делуваат само што се потопат во вода, која ќе ги впие полимерните влакна во елекот.
Додека водата испарува, проточните канали во елекот го разладуваат работникот кој го носи. Полимерските влакна ја задржуваат водата неколку часа, па работникот може полесно да работи. Организаторите досега поделиле 3.500 такви елеци на работниците кои ја вршат најтешката работа. Моментално на градилиштата во Катар за потребите на Светското првенство работат 26.000 работници, а во овој период од годината температурите се качуваат над 40 степени.