Компанијата Etat Libre d’Orange претходно оваа година ги објави своите планови за создавање на парфем кој содржи отпад, кој е остаток од процесот на производство на други парфеми, а сега го лансираа новиот луксузен мирис со прилично брутално име “I am Trash”.
Кампањата која го промовира лансирањето на новиот парфем е исто така инспирирана од отпадот и прикажува ултра-живописни сцени на распаѓање, но и раѓањето на нешто прекрасно од сето тоа.
Парфимерката Даниела Андриер ја објасни инспирацијата за новиот парфем, велејќи дека таа замислувала “плодна почва”, додека го создавала, од што се родила идејата за комбинирање на рециклирани материјали со ноти на јагоди.
Рекламата на сличен начин го нагласува концептот на убавина која се раѓа од нешто отфрлено, бидејќи и самиот парфем кој е создаден на крајот е “деликатен и префинет“. Треба да се напомене дека за компанијата Etat Libre d’Orange не се туѓи ваквите необични, смели потези, бидејќи самата филозофија на оваа куќа е да им пркоси на конвенциите. Затоа, нивното портфолио на производи вклучува и други парфеми со чудни имиња како “Putain des Palaces” или “You or Someone Like You“.
(Marketing365.mk)