На онлајн купување потрошени 63 милиони евра за половина година

- Advertisement -

Секој петти граѓанин со пристап на интернет купувал преку компјутер, а во последно време на атрактивност добиваат домашните електронски продавници

Македонските граѓани во првото полугодие од годинава на онлајн купување потрошиле 63 милиони евра, покажува статистиката на Народна банка на Република Македонија. Пазарењето преку интернет во нашата земја е постојано во пораст, но и понатаму сме на претпоследно место во Европа.

Искуство со оналајн купување имаат само 20% од граѓаните кои имаат пристап до интернет, иако државата ги создала сите предуслови овој вид трговија одлиично да се развива, истакнаа учесниците на вчерашната Прва конференција за е-трговија во Македонија, што се одржува во Скопје. Сепак, забележаа учесниците, тренд што дава надеж е пренасочувањето на купувачите кон домашните електронски продавници.

- Advertisement -

“Ако споредиме со првото полугодие од минатата година имаме раст од 20 проценти, но она што не радува е тоа дека растот кон домашните трговци е поголем, отколку кон странските. Тоа значи дека Македонците потрошиле повеќе пари на домашни купувања со што се менува трендот. Структурата на купување е 65 проценти кон странски компании, наспроти лани кога имало 70 проценти кон странски компании“, изјави Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски посочи дека мора да се работи на тоа граѓаните да бидат сигурни дека нивните лични податоци ќе бидат заштитени при онлајн купувањето.

- Advertisement -

“Она што е за нас и на кое треба да работиме е граѓаните да бидат сигурни дека нивните лични податоци се безбедни и од аспект на законите, но и од аспект на компаниите кои ги нудат овие услуги. Во таа насока ја усвоивме новата Стратегија за сајбер безбедност и го имаме изготвено Акцискиот план за сајбер безбедност што мора да биде спроведен и од страна на институциите и од страна на бизнис секторот. Со еден збор Македонија ита кон дигитализација и првите видливи резултати кои граѓаните ќе може да ги почувствуваат ќе бидат достапни на почетокот на 2019 година, преку регистарот и новиот национален портал за електронски услуги., рече тој

Од Фондот за иновации и технолошки развој велат дека веќе има проекти што ги финансираат, а во своето портфолио предвидуваат нови начини како нивните производи и услуги да стигнат до крајните потрошувачи.

- Advertisement -

“Поддршката во делот на иновациите можеби со посебен фокус на е-трговијата ќе продолжи и наредната година. Веќе сме во подготовка на нови јавни повици и вкупниот обем за 2019 година според среднорочниот план за работа на Фондот за иновации е околу 12,5 милиони евра“, изјави директорот на Фондот, Јован Деспотовски.

На конференцијата има учесници од 10 земји. Учество земаат околу 370 претставници од компании, банки, организации, владини институции и факултети.

Сподели!
- Advertisement -