Во текот на 2017 година во рамките на проектот Smart Start кој е кофинансиран од Европската Унија и се спроведува во пет земји: Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Турција чиј носител за Македонија е Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), десет македонски невладини организации добија грантови и поддршка да се трансформираат во социјални претпријатија.
Разговораме со еден од добитниците на грант Сања Малиновска од Здружението Организација на жените на општина Свети Николе, социјално претпријатие „Виктори Декорации“
Социјалното претпријатие „Виктори декорации“ постои од почетокот на годинава и е дел од здравствената програма во рамки на Организација на жените на општина Свети Николе.
Бизнис моделот е социјално претпријатие и истото работи како декоративен и креативен центар за изработка на различни видови на декорации и украси примарно за детски родендени, но и други видови на прослави за најсаканите. Радоста и прославите на нашите најмили се секогаш причина повеќе да вложиме посебен труд и внимание за да бидат посебни и да останат како убави спомени. Преку нашите декорации на креативен начин ги исполнуваме имагинацијата и желбите на нашите клиенти за поубави мигови со нивните сакани.
Секој почеток е тежок, особено кога се воведува некој нов модел на пазарот. Луѓето не се доволно информирани за концептот на социјалните претпријатија, па не знаат што да очекуваат и да ја препознаат неговата вистинска вредност. Развојот на „Виктори декорации“ се одвива побавно од предвидената бизнис рамка во однос на остварување на приход, но многу поважно ни е нашите луѓе да го сфатат значењето работиме. Во изминатиот период работевме на информирање и промоција на социјалното претпријатие, па со тоа стануваме и попрепознатливи во средината.
Која е социјалната компонента и како таа ќе допринесе за општествен и економски развој?
„Виктори декорации“ придонесува за помош и поддршка на жените од општина Свети Николе кои се заболени и лекувани од малигни заболувања. Приходот од социјалното претпријатие е наменет за континуирана работа на групата за самопомош на жени заболени и лекувани од малигни заболувања, давајќи им психосоцијална помош и поддршка, набавка на медицински помагала, градни протези, перики, турбани, како и финансиска поддршка за лекови и патни трошоци за терапии. Дополнително преку социјалното претпријатие влијаеме на околината за партиципирање во хумани активности и акции.
Која ранлива категорија ја адресира оваа организација?
Преку нашата работа даваме помош и поддршка на жените заболени и лекувани од малигни заболувања од општина Свети Николе. Со оваа категорија на жени нашата организација работи повеќе од 20 години, а во рамките на истата повеќе од 15 години функционира група за самопомош на жени заболени и лекувани од малигни заболувања, која е единствена од ваков тип во Р.Македонија.
Какви се реакциите на купувачите?
Во овој дел, немаме големо искуство за да можеме да споделиме соодветни информации. Генерално сите ја поздравуваат идејата и даваат поддршка за нашата социјална мисија. Некои наши клиенти се луѓе кои што се информирале за социјалното претпријатие преку нивни пријатели кои ги користеле нашите услуги. Ова е еден од показателите за задоволството на нашите клинти.
Што ви е потребно како социјално претпријатие во оваа развојна фаза
Во развојната фаза на нашето претпријатие особено е важна добрата промоција за позиционирање на пазарот, препознатливост, градење бренд. Од друга страна, потребно е споделување искуства и знаења од веќе постоечки социјални претпријатија или други сродни компании за правилно воспоставување, развој и одржливост на претпријатието.
Кои се плановите за иднина?
Во иднина би сакале да продолжиме со имплементација на бизнис планот и по завршувањето на финансиската помош од проектот Смарт Старт. Секако за да опстанеме и дојдеме до ниво на самоодржливост ни е потребна дополнителна финансиска поддршка која се надеваме ќе ја обезбедиме од други донатори. Сакаме да станеме препознатливи и со изграден бренд на национално ниво и да воспоставиме онлајн продажба за да бидеме достапни во поширок регион.