Во градинката за кучиња „АвАв Хепи Дог“ уживаат и кучињата и луѓето

- Advertisement -

АвАв Хепи Дог“ е уникатно место, кафуле, градинка за кучиња и шелтер за бездомни животни. Прво од ваков вид во земјава, АвАв е идеја и дело на Наде Богоевска и Михаела Поповиќ, млади вљубенички во животните, природата, екологијата… Тие создале место каде сѐ е подредено на благосостојбата на животните, каде им се овозможени услови какви што заслужуваат. Со Наде и Михаела разговараме во деновите кога третманот на уличните животни во земјата е под секое ниво и кога на улиците се организираат протести за нивните права. Тие за „Иновативност“ ги споделија своите идеи како работи нивниот шелтер, но и како институциите хумано да постапуваат со животните

 

 Пишува- Сања Наумовска 

- Advertisement -

Наде и Михаела, во време кога кучињата, а особено бездомните, се случува да се најдат во немилост на луѓето и на институциите, вие негувате едeн многу поинаков концепт, полн со љубов и разбирање. Како почна приказната за АвАв?

АвАв беше поттикнато од големата љубов што и двете ја имаме кон кучињата. Отсекогаш сме сакале да направиме нешто за нив и да помогнеме околу грижата и хуманиот третман. Ја разработувавме нашата идеjа земајќи најдобри пракси од целиот свет. Во исто време, размислувавме и како сето тоа да го прилагодиме на наши услови. На тој начин целиот концепт се оформи како бизнис, но и како социјален модел за помош на уличните кучиња. Го формиравме нашето социјално претпријатие „АвАв Хепи Дог“, каде основното мото е „Одговорно сопствеништво, одговорна заедница, среќни кучиња“, бидејќи, бездомните кучиња се резултат на неодговорни сопственици, но и на неодговорна заедница и институции. Затоа нашата порака е „Кучето е за цел живот“, со која сакаме да укажеме дека кога некој ќе земе куче треба да се грижи за него целиот негов живот, а не да го исфрли на улица.

- Advertisement -

Колку време ви требаше да го осмислите целиот концепт на кафуле-градинка-шелтер?

Сите наши пријатели и нашите семејства се љубители на кучиња и во оваа авантура ни даваат поддршка со многу љубов. Уште на почетокот точно зневме што сакаме и како да го направиме тоа и, како што се вели, ако нешто многу сакаш и се посветиш целосно и притоа дадеш сѐ од себе не штедејќи се, ќе го оствариш. Почнавме буквално од ништо, од празна нива и многу стари работи, што ги извадивме од нашите подруми. Работевме речиси една година, целата содржина во паркот ја направивме по правилото направи сам, со помош на голема група волонтери кои безрезервно помагаа, не само со физичка работа, туку и со иновативни идеи. Целото место зрачи со многу љубов и сите наши клиенти го препознаваат тоа и уживаат во целата атмосфера. АвАв постои пет месеци и во тој период прерасна во сериозен иновативен бизнис модел кој, верувајте, бара многу посветеност и труд од целиот тим. А нѐ чека уште многу работа.

- Advertisement -

 

Што им нуди АвАв на милениците, а што на нивните сопственици?

Сопствениците-родители на милениците, можат да уживаат во кафулето, со пријатна музика опкружени со зеленило и чист воздух, а влезот и користењето на целиот простор не се наплаќа. За милениците, пак, има груминг, односно фризерница со најсовремена опрема и козметика, базен во форма на коска, игралиште со рампи за агилност и тренинг, тревник за игра без поводник, пекара со здрави домашни закуски и сладоледи за кучињата, направени од исклучително здрави намирници без конзерванси и емулгатори. Воедно, ја создадовме и првата градинка, односно дневен престој за кучиња. Го земаме кучето наутро од дома, го шетаме, па вежбаме физички вежби и игри во специјално дизајнираниот парк со рампи за агилност и тренинг. На крај ги враќаме милениците дома уморни и среќни.

Кој го осмисли изгледот на паркот и дали следевте сличен концепт од некоја друга земја?

„АвАв Хепи Дог“ е целосно направен од рециклирани материјали, што е во согласност со нашите заложби за одговорност кон животните, животната средина и кон планетата воопшто. Михаела е архитект, па така сите нацрти, архитектонски и иновативни решенија се нејзини, а во креативниот дел учествувавме сите. Убавината беше во дружбата и слободата, секој да смисли креативно и иновативно решение и сам да го реализира. Паркот има многу уникатни решенија затоа што е посветено многу внимение на деталите. Секаде во светот е тренд да се користат рециклирани материјали, ние само на оригинален и иновативен начин им дадовме личен белег. Покрај тоа, пред да почнеме со градба ги истраживме сите содржини и стандарди кои мора да ги содржи еден парк за кучиња. Посетивме сличен центар за обука и едукација на најстарата британската фондација „Дог Траст“, пример кој го следиме и со кој имаме направено одлична соработка во делот на социјалната компонента. Голем дел од рециклираните материјали го добивме и од корпоративно одговорни компании, како и дел од спонзорства за реклама. Тука мора да ги спомнеме Кожувчанка, Пиксел, Алфа Аудио, Алкалоид, Феидом, Винка Виница, Глобал Секјурити, Еуро Транс Н, и многу други.

Како сте прифатени досега и како реагираат луѓето кога ќе слушнат дека во АвАв постои и градинка за кучиња со многу слатки задоволства за нив

Имаме многу позитивни реакции досега, тие се официјални импресии на нашата ФБ страна. Има многу позитивни коментари, дека на градот му требаше ваков простор за љубителите на кучиња да можат навистина да се опуштат и сите заедно да уживаат без да пречат никому. Или дека нивните миленици не сакаат да си одат дома, или пак, дека сме направиле царство за кучињата. Ова е место каде има многу нови пријателства и меѓу кучињата и меѓу возрасните и децата. Поддршката ни дава сила да одиме напред и да нудиме сѐ повеќе нови соддржини, а сето ова предизвикува некоја радост кај нашите клиенти. Следно ќе биде целосно опремување продавница, а во фаза сме на проектирање и подготовка за изградба на хотел на кучиња за повеќедневен престој, кој веруваме ќе биде навистина иновативно решение кое го нема кај нас.

Раскажете ни некое специјално, интересно искуство!

Често организираме роденденски забави на кучињата со многу тритови, колачи, кекси и сладоледи за кучињата кои се гости на славеникот. Најубавото секогаш доаѓа на крај, а тоа е роденденската торта. Таа е секогаш со најубавите миризби и обично е премачкана со домашно направен путер од кикирики, кои кучињата го обожуваат.

На една роденденска забава, кога им ја донесовме тортата и кога околу неа се собраа сите кучиња и славеникот, еден многу мирен бигл, кој е голем гурман, се прикраде меѓу гостите и ја украде тортата. Сите почнаа да се смеат и да го бркаат, а тој бегаше наоколу со тортата среќен со пленот што го уловил. Тоа ја направи навистина атмосферата многу весела и имаше многу смеење и убаво расположение.

Кој дел од паркот најмногу го сакаат кучињата?

Во зависност од расата на кучето, тие како и луѓето имаат свои желби и интереси кон различни соддржини. Една група на кучиња од самиот влез трчаат накај базенот и цел ден се ладат и си играат во вода, а други, пак, не сакаат многу вода и се постојано качени по рампите за агилност и гумите, или пак копаат дупки во песокот. Дел од кучињата обожуваат трева, па си играат со топчиња или со фризби низ зеленилото. Има кучиња кои обожуваат да се излежуваат по каучите или да лежат во креветчињата направени специјално за нив, или пак да бидат залепени до нивните сопственици. Тука нема правила, а кај нас е токму тоа правилото, сите уживаат според нивните желби, па затоа создадовме голем парк со најразлични содржини за секој миленик да има по нешто интересно, а сопствениците да уживаат заедно со нив.

Проектот има и социјална компонента, односно предвидува и место каде може времено да се вдомат и бездомните животни. Како функционира тоа?

Идејата потекна од желбата нешто да се направи на ова поле, да им се помогне на сите граѓански организации кои се борат за правата на животните во Македонија, а и на институциите кои се одговорни за решавање на овој проблем. Започнавме со развивање еден иновативен концепт, односно со претприемнички фокус да се обидеме да помогнеме во решавање на овој комплексен проблем. Од таму потекна концептот на социјално претпријатие, кое функционира со повисоки цели и го следи принципот на општо добро. Мисијата на „АвАв Хепи дог“ е да се подобри квалитетот на животот на кучињата како и трајно вдомување на уличните кучиња преку нивно времено згрижување. Сметаме дека нивото на свест за грижата кон животните, и воопшто кон животната средина кај нас, е на незадоволително ниво, па затоа нашата мисија ја посветивме и на едукација. Така, во паркот и генерално во јавниот простор, секој сопственик треба да се грижи за изметот на своето куче, да внимава доколку е вознемирено или може да нападне, да има целосна контрола, да создаде добри манири на однесување, а воедно и да се социјализира со други кучиња и луѓе. Направивме едукативни брошури за одговорно сопствеништво, нега и чување на куче, важноста на стерилизацијата со која се спречува неконтролираното размножување на кучињата, однесување во јавен простор и законски обврски итн.

Организираме и настани за вдомување на бездомни кучиња и донаторски настани со кои помагаме со храна и потребно лекување на оние кои најмногу им е потребна. Еден таков настан беше одбележувањето на Светскиот Ден на животните, каде Македонија се вклучи за прв пат. Направивме донаторска забава на која сите гости носеа храна и донираа средства за лекување на повредени бездомни животни. Нашите заложби се да се даде јавен отчет за сите собрани средства, храна, покривки или облека и да се насочат кон дирекно плаќање на ветеринарни трошоци или донирање на храна на сите оние кои несебично чуваат многу бездомни кучиња. Затоа интензивно работиме на нашиот веб портал кој наскоро ќе биде функционален.

Нашата визија е да создадеме заедница каде што секое куче ќе има траен дом, на секое куче да му е обезбедена основната нега, а Градот Скопје да биде град без улични кучиња и насилство врз животните и несакани инциденти. Крајната цел на нашата идеја е да направиме приватен стационар кој ќе работи по принципот на времено згрижување, залови, стерилизирај, чипирај, хумано третирај, социјализирај и вдоми, и тоа по сите европски стандарди, кој ке биде пример кој треба да го следат и другите невладини организации, социјални претпријатија и Општините.

Наде Богоевска

Имате ли ваши предлози како Скопје и другите градови да го решат проблемот со бездомните животни?

Сите ќе се согласат дека за бездомните кучиња е виновен човекот. Во развиените земји овој проблем е решен со добра легислатива, одговорни институции и одговорно граѓанство. Решавањето на овој проблем не може да дојде преку ноќ и бара многу напори, инвестиции, време, знаење и трпение. Се надеваме дека на долг рок ќе успееме во нашата цел. Секој чинител треба да си ја превземе одговорноста во решавањето на овој проблем и да се делува системски, од решавање на изворот на  генерирање, а тоа е неодговорни сопственици, едукација, стерилизација, чипирање, подобра законска регулатива, санкции и институции за спроведување на истата, обезбедување хуман третман и услови за времено вдомување додека не се обезбеди траен дом итн.

Михаела Поповиќ

Организиравте и дружење на дечињата со аутизам со кучиња во паркот. Што беше целта на настанот? Кој беше посреќен, децата или кучињата?

Тој настан нѐ направи сите многу среќни. Нашите најмили дечињата и најдобрите и најверните пријателчиња, кучињата, имаа прекрасна дружба, многу љубов и гушкање во нашиот парк. Настанот беше организиран во соработка со Асоцијацијата Аутизам ААМК, и беше под наслов „Да ја споиме сложувалката“. Тој ден имавме многу среќни деца и среќни кучиња. Децата со аутизам во друштво на кучиња е докажано дека се ослободуваат од стресот и полесно се учат на одговорно однесување. Комуникацијата на деца со аутизам со кучиња е многу важна бидејќи се базира на безусловна меѓусебна љубов и пријателство. Кучето игра улога и во логопедското учење на децата со аутизам бидејки ја поттикнува комуникацијата, говорот и желбата за играње и гушкање со миленичето, кое директно учествува во терапевтскиот процес. Вакви настани планираме редовно да организираме во нашиот парк, со подршка на АД Алкалоид, како орпоративно одговорна компанија која секогаш несебично помага на сите ранливи категории.

Кои се плановите за иднина, како сакате да се развива приказната на АВ АВ?

„АвАв Хепи Дог“, започна од една хумана идеја на млади ентузијасти. Во изминатиот период реализацијата и бизнис моделот се модифицираше, а сѐ уште растеме и се наоѓаме во инвестициска фаза. Ова е комплексен центар, со строги правила на однесување. Нѐ чека многу долг и макотрпен пат кон обезбедување на нови инвестиции, а во исто време и градење на капацитети и вештини на вработените, но чекор по чекор веруваме дека ќе успееме да опстанеме. Ова е иновација, но веруваме дека можеме да опстанеме, па дури и да прераснеме во национално претпријатие. Полни сме со идеи и ентузијазам, пред се поради љубовта кон кучињата. Нивното задоволство и среќа ќе ни бидат секогаш приоритет. Очекувајте уште многу изненадувања од тимот на „АвАв Хепи Дог“.

 

Сподели!
- Advertisement -