Економијата и спроведувањето на неопходните структурни економски реформи во земјата кои се препорака од Европската Унија, да се национален приоритет и да постои утврдена стратегија која ќе се имплементира долгорочно, како би се демонстирало движење во насока на подобрување на стабилноста и зголемување на правната сигурност во земјата. Овие пораки денеска претседателството на Сојузот на стопански комори му ги упати на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски и неговиот економски тим.
Претседателката на Сојузот Данела Арсовска ја истакна важноста од развојот на малите и средни претпријатија како двигател на економијата во услови на предвидлив деловен амбиент и политичка стабилност, преку обезбедување на владеење на правото, како предуслов за остварување на одржлив економскиот развој.
-Повисок економски раст може да се постигне единствено со целисходна национална стратегија за развој на приватниот сектор, а во соработка со сите чинители во општеството, владини институции, невладиниот сектор, академската заедница, деловните организации, водени од заедничка цел, да делуваат на креирање долгорочна економска стабилност и просперитет за идните генерации. Сите политички чинители неопходно е континуирано да ги поддржуваат предложените мерки на деловната заедницата, особено за измени во легислативата кои се клучни за економскиот раст. На деловната заедницата и е потребен стабилен политички амбиент како би можеле да се релизираат предвидените инвестициски проекти со гаранција на инвестициите како одраз на зголемување на правната сигурност – рече Арсовска.
Таа подвлече дека за стопанството најголем проблем е сивата економија, а веднаш потоа брзата промена на легислативата.
Дополнително во контекст на донесување на национална стратегија за развој на приватниот сектор, беше истакната токму конзистентноста во спроведување на одредени мерки како приоритет, затоа што само со континуитет и професионален пристап може да се очекува некаков успех.