Објавен нов повик од ИПАРД 2, 16,6 милиони евра за инвестиции во  фарми микро и мали претпријатија

- Advertisement -

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој го објави Јавниот повик за Мерката 7 „ Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“ од ИПАРД 2 Програмата. Вкупно на располагање за реализација на инвестиции по оваа мерка се 16,6 милиони евра. Заинтересираните  апликациите може да ги достават најдоцна до 18- ти ноември 2019 – та година. Оваа мерка овозможува инвестиции во  модернизација на постоечките или отворање на нови погони за производство на тестенини, пијалоци, колачи, пекарски производи, фарми за одгледување на зајаци, дивеч, насади за дрва и дрвена маса, аквакултурни фарми за слатководна риба,  сместувачки капацитети како и отворање на ресторани кои нудат угостителски услуги. Согласно програмата до 65% од прифатливите трошоци за реализираната инвестиција ќе им бидат вратени на апликантите преку средствата од ИПАРД 2 Програмата.
„Со ефикасно искористување на оваа мерка ќе се придонесе за отворање на нови работни места во руралните средини со што ќе се намали руралната депопулација, подобрување на квалитетот на живот во руралните средини и зголемување на нивото на економската активност. Преку оваа Мерка „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси го развиваме најмоќниот дел на економијата а тоа се малите и средни претпријатија кои се силата на домашната економија.“- истакна министерот за земјоделство Димковски.
Димковски и Бабовски, потенцираа дека заинтересираните корисници на средства од ИПАРД 2 Програмата на  овој Јавен повик треба уште при поднесување на барањето за финансиска поддршка да ги имаат сите документи кои се наведени во Упатствата за корисници. Финансиската поддршка ќе се одобри за сите целосно комплетни и соодветни барања за користење на средства во рамките на расположливите средства по мерка 7 „Диверификација на фарми и развој на мали бизниси“ а врз основа на извршена административна и контрола на лице место. Бабовски, истакна дека расте интересот за искористување на средства од ИПАРД 2 по сите мерки.
„Преку првиот повик од ИПАРД 2 за мерките 1, 3 и 7 склучени се вкупно  947 договори, 644 апликанти ги завршиле инвестициите и  кај нив се вратени 8,1 милиони евра средства кои се свеж капитал во агро – секторот. Во моментов тече и обработката на апликациите за Мерките 1 и 3,од вториот и третиот повик на ИПАРД 2. До денеска за двете мерки  потпишани се 45 договори со вкупна вредност од 3,6 милиони евра. Во наредниот период се очекува да се склучат и договорите со сите кои се соодветни за финансиска поддршка од ИПАРД 2. До крајот на оваа година се очекува вкупно да се исплатат 11,6 милиони евра за сите целосно реализирани и исплатени проекти“, – истакна директорот на АФПЗРР Николче Бабовски.
МЗШВ заедно со Платежната Агенција  во наредниот период преку сите мерки и политики ќе создаваат поволна бизнис клима за раст и развој на домашната економија, а еден од начините е токму ефикасната искористеност на мерките од ИПАРД програмата.
 

Сподели!
- Advertisement -