Близу 12 милиони евра од ИПАРД 2 програмата им стојат на располагање на земјоделците од новата мерка наменета за модернизација на земјоделските стопанства. Повикот кој беше објавен вчера, а ќе трае до 9 февруари овозможува широк спектар на инвестиции во примарното земјоделско и сточарско производство вклучително и во инфраструктурни зафати. Јавниот повик поддржува и инвестиции во садење или пресадување на повеќегодишни растенија како и во нови машини и опрема.
„Ипард програмите се од исклучителна важност за развој на македонското земјоделство и вклучуваат мерки кои директно им помагаат на нашите земјоделци. Само на првиот јавен повик од ИПАРД 2 се примени рекордни 1649 барања за инвестициски проекти од кои што до сега одобрени и влезени во фаза на реализација и исплата се 937 проекти во вкупна вредност од над 18 милиони евра“, изјави министреот за земјоделие Љупчо Николовски.
Од рекордниот број склучени договори од првиот повик на ИПАРД 2 програмата скоро 400 се реализирани, а преку 130 договори во вредност од 1,4 милиони евра веќе се исплатени.
За подобро информирање и едукација на граѓаните за можностите кои се нудат преку за ИПАРД фондовите министерството започна и едукативна кампања. Планирано е да трае 18 месеци, период во кој ќе се одржат 3 форуми, 6 работилници и 80 инфо денови.