Во пресрет на дваесет и шестото Светско првенство во ракомет, кое од утре (10.01.) до 27-ми јануари се одржува во Германија и Данска, Кроација осигурување – Друштво за неживотно осигурување го продолжи парнерството со Ракометната федерација на Македонија. На тој начин компанијата даде придонес во обезбедување на неопходните предуслови за уште едно успешно учество на нашите репрезентативци на најголемото ракометно натпреварување оваа година.
„Ова е петта година по ред во која нашата компанија, преку партнерство со Ракометната федерација, обезбедува поддршка за македонскиот репрезентативен ракомет. Горди сме што сме заедно со нашите ракометари и во нивниот најнов спортски поход кон врвот на светскиот ракомет. Со голема верба во нивните квалитети, борбеност и тимски дух, ветуваме дека ние, заедно со целата македонска јавност, ќе навиваме и ќе се радуваме на нивните победи кои секогаш ги доживуваме и како наши, заеднички“, изјави Гоце Вангеловски, извршен директор на Кроација осигурување – друштво за неживотно осигурување Скопје.
Македонската машка ракометна селекција е во групата Б и го започнува првенството со меч против селекцијата на Јапонија на 11-ти јануари, по што следуваат натпреварите против Бахреин на 13-ти јануари, со репрезентацијата на Хрватска на 14-ти јануари, против Шпанија на 16-ти и против составот на Исланд еден ден подоцна.
Заради обезбедување што поголема поддршка од страна на сите љубители на ракометот во Македонија, Кроација осигурување, преку својот профил на социјалната мрежа Facebook континуирано, во текот на целото првенство, ќе обезбедува информации и фотографии од сите натпревари на нашата селекција, како и содржини кои придонесуваат за натамошна промоција на овој популарен екипен спорт во земјата.
Оваа година Кроација осигурување – друштво за неживотно осигурување Скопје одбележува една деценија од влезот на македонскиот осигурителен пазар.